Германската „Костел Македонија“ е една од тие компании која има отворено погони во слободната индустриска зона во Охрид. Таму нема опасност од отпуштање вработени, туку напротив, влегуваат во третата фаза на инвестицискиот циклус, вредна помеѓу 45 и 50 милиони евра, со што, велат оттаму, се отвора простор и за нови 250 работни места до 2028 година. Во последните 4 години извозот изнесуваше над половина милијарда евра 

 

Состојбите во европската автомобилска индустрија не се розови. Продажбите на автомобили на „фолксваген“, „рено“, „пежо“, „фиат“, „цитроен“ и „опел“ се намалени за над 20% во изминатите неколку месеци, тоа заедно со најавите од гигантот „Фолксваген“ за затворање фабрики во Германија ќе влијае врз работата на компаниите за автомобилски делови и компоненти што се произведуваат во македонските технолошки зони, а кои што соработуваат со тие брендови.

Германската „Костел Македонија“ е една од тие компании која има отворено погони во слободната индустриска зона во Охрид. Таму нема опасност од отпуштање вработени, туку напротив, влегуваат во третата фаза на инвестицискиот циклус вредна помеѓу 45 и 50 милиони евра, со што, велат оттаму, се отвора простор и за нови 250 работни места до 2028 година. Во последните 4 години извозот изнесуваше над половина милијарда евра.

– Она што го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек кој предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид. Повеќе од 1.150 вработени го произведуваат тоа. Тука се вградува сето тоа како модули во светските топ бренд-возила, „мерцедес“, „фолксваген“, што е навистина импресивно. Кога на сето ова ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека ние како Влада треба да имаме посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, но ваков тип на инвестиции треба да ги поддржуваме и да ги охрабруваме што повеќе да инвестираат и да ги задржиме тука кај нас – истакна Мицкоски.

Тој посочи дека прават како Влада да бидат пријатели на бизнисот на економијата, бидејќи, како што кажа, денешниот современ патриотизам е токму тоа.

– Инвестирање, обезбедување на добро платени работни места и извоз. Само така можеме да бидеме во радарот и на мапата на светските случувања. Сè останато е импровизација. Можеби скромно од претставниците на „Костал“, но тие помагаат како компанија и во делот на општествената одговорност и во средното образование, преку дуалното образование, дополнителната обука за наставниот кадар на учениците, но исто така и во високото образование. Така што мислам дека тоа претставува една одлична синергија помеѓу општеството, општината, политиката, Владата и компанијата „Костал“ – рече Мицкоски.

„Костал Македонија“ во 2023 беше деветти најголем извозник од Македонија. Компанијата работи веќе 8 години на македонскиот пазар и бележи континуиран развој и раст.

Речиси сите банки прифатиле да работат со унгарскиот заем

Компаниите ќе можат да аплицираат за кредит до 10 милиони евра за инвестиции, минималното учество на инвеститорот е 20 проценти, од самиот проект, каматата ќе биде 1,95 проценти со три години грејс-период и максимум 15 години на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека речиси сите банки прифатиле да ги пуштат во оптек парите од унгарскиот заем, а со кои треба да се кредитираат македонските компании.

– Каматата ќе биде 1,95 проценти која што ќе ја добијат компаниите, нешто што претставува најниско во регионот и во Европа, до три години грејс-период, до 15 години рок на отплата во зависност од барањата на кредитобарателот, има компании коишто сакаат помали рокови. Затоа го ставивме тоа да биде и флексибилно, така што, сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија ќе користат итн., ќе бидат дел од овој проект – изјави Мицкоски.

Од јануари нов пакет од 250 милиони евра за општините

Од почетокот на следната година општините да започнат да подготвуваат проекти за инфраструктура што ќе се финансираат од новиот пакет од 250 милиони евра, поддршка за општините, порача вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој истакна дека од владината поддршка од 100 милиони евра,  голем дел од општините веќе распишале тендери за поднесените проекти и се очекува истите уште од следниот месец да започнат да се реализираат.

– Најголем дел од општините коишто добија средства од Владата и тоа најголем дел преку Министерството за транспорт веќе ги распишаа јавните набавки и тие се активни во овој момент. Очекуваме на почетокот на декември да имаат избрано изведувачи и доколку не послужи времето да почнат и во декември да работат – истакна Николоски.

(С.Бл.)