Коста К. шокирал со изјава дека убил другарче зашто не им помагало на другите и дека не му е пријатно да ги гледа сликите на жртвите

Малолетниот сериски убиец во судот во Белград одговараше на прашања на родителите на соучениците кои ги уби

3041

Го убив затоа што не сакаше да им помага на другите деца! Ова е само еден од шокантните одговори на малолетниот убиец Коста Кецмановиќ, на прашањата што му ги поставуваа родителите на убиените деца, на денешното продолжение на судењето на неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ, на кое тој е сведок.

Како што е познато, тој на 3 мај лани пукаше во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, при што уби осум соученици и училишниот чувар, а рани шест лица, а потоа го призна делото.

Според српските медиуми кои од вчерашнотo судење во специјалниот суд во Белград пренесуваат информации од свои извори, со оглед на тоа што е затворено за јавност, малиот Кецмановиќ шокирал и кога му било понудено да ги види фотографиите оние кои ги уби. На прашањето дали сака да ги погледне, кратко одговорил: „Не сакам да ги гледам, не ми е пријатно“.

Но, најтешка била атмосферата во судницата кога мајката на убиениот Андрија Чикиќ со растреперен глас го замолила да каже зошто ѝ го убил синот единец. Коста не одговорил и тогаш речиси сите во судницата заплакале.

– Имавме можност да слушнеме дека момчето убиец пукало во учениците во своето одделение, дури и во дете кое го сметало за негов најдобар пријател, кое беше тешко повредено, изјави новинарка на српската телевизија „Курир“.

Според неа, кога го прашале Коста зошто пукал во тоа дете и дали му е најдобар пријател, тој одговорил: „Не баш“. На прашањето дали знае дека тој го смета за негов најдобар пријател, Коста рекол „Не знам“. Мајката на која ѝ одговорил дека пукал во нејзиниот син зашто не им помагал на другите во судницата изнела докази дека тоа не е точно, зашто син ѝ помагал на сите, вклучувајќи го и него, на што Коста кусо рекол „Не се сеќавам на тоа што го зборуваш“.

На претходното рочиште на 8 овој месец беше најавено дека родителите на убиените деца подготвиле 250 прашања на кои очекуваат одговор од нивниот убиец. Но, адвокатите не се сигурни дека ќе можат да бидат поставени сите тие прашања, а на тоа посочи и адвокатот на родителите на убиените деца, Огњен Божовиќ пред самото рочиште.

– Може да се постават 250 прашања, но судот може да застане на тоа дека е одговорено на прашањата и дека не се битни за тој предмет или едно по едно да одбива. Значи, не верувам дека тоа ќе трае со денови и дека ќе мора да одговара на сите прашања. Но, негова обврска е, кога веќе прифати, како сведок да ја зборува вистината како што ја гледа тој, рече во вчерашната специјална емисија на ТВ Курир, адвокатот Александар Радивојевиќ.

Тој го начна и прашањето на одговорност на родителите на Коста за масакрот.

– По моето лично искуство, мислам дека можеше посериозно да се прошири одговорноста на родителите. Според моето лично сознание, оној кој е директно одговорен за сè што се случи се родителите. Што можеше да се направи? Не велам дека треба да се пречекори правото, но имате во другите гранки на правото таканаречена објективна одговорност која е неприкосновена.

Кога го изврши масакрот Коста Кецмановиќ имаше 13 години и не може да одговара за крвавото дело. На неговиот татко Владимир, кој е во притвор му се суди за тешко кривично дело против општата безбедност, односно затоа што не го обезбедил оружјето што го чувал во станот, со кое неговиот син го извршил масакрот, но и за тоа што го водел малолетното дете во стрелиште и го учел да пука. На мајката Миљана ѝ се суди затоа што нејзина ДНК била пронајдена на чаура во училницата во која Коста пукаше во соучениците.