Пред Вишиот суд во Белград денеска продолжи судењето за масакрот што го изврши Коста Кецмановиќ, односно случајот со ранетото момче Ј.Д. За кобниот 3 мај сведочеа родителите на момчето Небојша и мајката Будимка, која работи во Рибникар како учителка.
– Син ми ми се јави во 8.45 да ми каже дека е ранет. Бев од другата страна на градот и брзав кон училиштето – рекол таткото. Во продолжение тој зборувал за агонијата додека го барал синот од училиштето каде што биле присутни полицијата и итната помош.
Српските медиуми пренесуваат дека таткото на повреденото момче раскажал што му кажало детето за Коста Кецмановиќ.
– Ништо не ми кажа во болница бидејќи околу него имаше полиција и форензичар. Кога излезе после три дена, ми рече: „Тато, имаше црвени очи, очи на ѓавол“. Тој го погодил со еден куршум, а другиот поминал покрај него кон вратата додека тој трчал да излезе и да се спаси. Прескокнувал мртви и крвави деца. Буквално ги повлекол тие две другарки кои трчале по него – рекол Небојша.
Таткото на ранетото момче сведочел дека нивните животи се смениле по масакрот во кој неговиот син беше застрелан во горниот дел на ногата.
Момчето ретко и кусо зборува за масакрот, а според сведочењето на неговите родители се уште има изразени последици и дека постојано оди на психотерапија и зема лекови.
-Се вознемирува и скока на се. На почетокот беше неподносливо и страшно. Секој ненадеен звук го пресекува, а во јавниот превоз се случува кога ќе се вклучи и исклучи светлото, тој се губи и ме вика мене и мајка ми да праша што да прави. Го смируваме, но тој веќе не е тоа дете, детството му е уништено – изјави Небојша.
Мајката зборуваше многу тивко и беше ужасно депресивна и тешко ги потиснуваше своите емоции.
-Тој ден бев на училиште, работам во тоа училиште. Јас сум наставник во трето одделение и ја познавам генерацијата на мојот син бидејќи бев учителка и на нивната генерација – изјави вознемирената мајка на момчето, Будимка Димитријевиќ. Таа раскажа како тој ден дознала за масакрот и дека нејзиното дете е рането.
– Дојде колега и ја отвори вратата од училницата и рече излези, излези, има пукање во училиштето. Брзо излеговме и по некое време син ми дојде до мене и ми рече: „Мамо, јас сум погоден“. Децата го опколија. Ја видов раната и цело време доаѓаа информации за загинати и повредени. Учениците плачеа. Го барав мојот постар син, а Јован постојано повторуваше дека е ранет. Му реков: „Добро е, жив си, но Михајло, кој беше осмо одделение во истото училиште, го нема“. За еден час се јави и тој. Не видов кога Јован го однесоа брзата помош – рекла мајката.
Судскиот процес ќе продолжи кон средината на декември се додека не се заврши вештачењето на ранетото момче, како и на сторителот на страотниот масакр.