Косовската опозиција не сака коалиција со Курти

28

Двете опозициски партии во Косово, Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) ја отфрлија можноста за формирање каква било коалиција со движењето Самоопределување на Албин Курти, кое победи на парламентарните избори во неделата.

Бедри Хамза, кој беше кандидат на ПДК за премиер, рече дека неговата партија нема да влезе во ниту една коалиција во која ќе биде и партијата на премиерот Курти.

-Партијата Самоопределување сака апсолутна власт и нема програма. За време на кампањата избегнуваа дебати, дури и на телевизија. Ги навредуваа политичките противници и граѓаните. Тие поттикнуваа омраза, додека ние промовираме единство и соработка, додаде Хамза, чија партија е на второто место со 25 освоени пратенички места заклучно со вчера.

По пребројувањето на повеќе од 95 отсто од гласовите, Косовската Централна изборна комисија објави дека Самоопределелување на актуелниот премиер Албин Курти  води со околу 40 отсто од гласовите, ПДК со околу 22 отсто, Демократската лига на Косово (ЛДК) со околу 17 отсто и ААК-Нисма со околу седум отсто. Но, за да обезбеди мнозинство во Собранието, една партија треба да има најмалку 61 пратеник во Собранието, кое има вкупно 120 пратенички места, а партијата на  Курти освои 47 пратенички места. Оваа бројка би можела да се зголеми по пребројувањето на гласовите на дијаспората во наредните денови.

ИЗДВОЕНИ