И САД и Европската Унија сакаат да се ослободат од имигрантите, а една од земјите која на двете би им била по мерка за да ја завршат таа работа е македонскиот сосед, Косово.
Според документ што го видел „Еуроактив“, Европската комисија ќе предложи седум држави да бидат прогласени за „безбедни трети земји на потекло“ во кои членките на ЕУ ќе можат да ги префрлаат барателите на азил. На листата освен Косово се и Бангладеш, Египет, Индија, Колумбија, Мароко и Тунис.
Овој список преку амандман треба да се вклучи во Регулативата за процедурите на азил на ЕУ, која е дел од Миграцискиот пакт усвоен минатата година, и веројатно ќе почне да се применува од 2026 година. Конечната листа на „безбедни трети земји на потекло“, според најавите, се очекува да биде објавена најдоцна до јуни.
Документот е замислен како надополнување на предлогот за концептот на безбедна трета земја, врз основа на кој членките на ЕУ ќе можат барателите на азил да ги испраќаат во држава каде што би биле безбедни, наместо да останат во земјата во која аплицирале за азил додека трае постапката за разгледување на нивното барање.
Европската комисијата минатиот месец предложи нови обврзувачки правила за враќање на мигрантите, за кои сега се дебатира меѓу претставници на земјите членки на ЕУ и на Европскиот парламент.
Косово е и на списокот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која планира масовна депортација на еден милион имигранти во првата година од неговиот втор мандат. „Топ ченел“, повикувајќи се на „Вашингтон пост“ објави дека Косово е меѓу земјите кои би можеле да ги прифатат имигрантите иако повеќето од оние што ќе се депортираат не сè по потекло од тие територии.
„Вашингтон пост“ цитирајќи федерални извори запознаени со плановите на Белата куќа пренесува дека бројот на депортирани би бил драматично поголем во споредба со претходните. Засега рекордот го држи администрацијата на Барак Обама, која за една година депортираше околу 400.000 имигранти.
Дел од стратегијата на администрацијата на Трамп освен во Косово вклучува депортации и во Либија, Руанда, Бенин, Молдавија и Монголија. Целта е овие држави да прифатат депортирани имигранти кои не мора да се нивни државјани, практика која предизвика големи правни и етички проблеми.
И покрај овие планови, аналитичарите остануваат скептични. Посочуваат дека ваквата висока цел е практично недостижна поради недостиг на кадри, средства, но и законски пречки. Повеќето имигранти имаат право на судско сослушување пред депортацијата, што го забавува и комплицира процесот.