Кошта го опипа пулсот во Софија, па ќе мери притисок во Скопје!

Пораките што претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги испрати од Софија ја потврдуваат определбата на Европската Унија за проширување кон Западен Балкан, при што Македонија останува во фокусот на европската агенда. Кошта јасно истакна дека интеграцијата на регионот е една од најважните геополитички инвестиции за Унијата, но и дека напредокот на Македонија зависи од исполнување на европските критериуми и надминување на отворените прашања, односно од уставните измени. Во пресрет на неговата најавена посета на земјава идниот месец, очекувањата се Кошта да ги засили пораките за конструктивен дијалог, исполнување на обврските и да даде дополнителен поттик за продолжување на евроинтеграциите, во време кога процесот е под притисок од билатерални и регионални предизвици

586

Европската перспектива на Македонија останува отворена, но бара конструктивен дијалог и исполнување на преземените обврски, порачаа по вчерашната средба во Софија, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој е во тридневна посета на Бугарија и неговиот домаќин, бугарскиот премиер Росен Желјазков. Тие потенцираат дека напредокот на Македонија кон ЕУ зависи од исполнување на европските критериуми, вклучително и спроведувањето на преговарачката рамка и билатералните договори, како што е договорено во рамките на ЕУ. Кошта повтори дека интеграцијата на Западен Балкан е политички приоритет за Унијата и најавил официјална посета на Македонија во мај, каде што ќе разговара со лидерите за продолжување на евроинтеграциите. Првиот човек на Европскиот совет се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Желјазков, при што беше потврдена заедничката поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

Фокус врз стабилноста и европското единство

Во фокусот на разговорите со највисоките бугарски државни претставници се најдоа регионалната стабилност, европското единство и процесот на проширување на Европската Унија, со акцент и на македонските евроинтеграции. Кошта ја повтори поддршката на Унијата за отворање на преговорите и ги повика сите страни да ги исполнат обврските од Преговарачката рамка, вклучително и уставните измени, како клучен чекор за напредок на македонскиот евроинтегративен процес, додека Жељазков истакна дека европското проширување, заедно со европската одбрана и миграцијата, се клучни теми за Бугарија, а билатералните прашања со Македонија остануваат во фокусот на бугарската политика.

Геополитичка инвестиција

И самиот Кошта, на заедничкиот брифинг во Софија со премиерот на Бугарија,  Росен Жељазков, истакна дека проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, како и кон Украина и Молдавија, се најважните геополитички инвестиции за Унијата. Двајцата лидери испратија јасни пораки за важноста на регионалната стабилност, конструктивниот дијалог и исполнувањето на европските критериуми.

На средбите со претседателот Румен Радев и премиерот Росен Желјазков, Кошта ја нагласи важноста на регионалната стабилност и зајакнувањето на европското единство, со посебен акцент на процесот на проширување на ЕУ.

-Ова е тековен процес. Последното претседателство на Бугарија инвестираше многу енергија во овој процес. Ќе продолжиме да соработуваме со различните земји. Посветени сме на успехот на ова проширување и верувам дека тоа ќе биде исклучително важно за сите земји во Европската Унија, но и за Југоисточниот регион, порачал Кошта и објаснил дека се потпира на напорите на сите страни за надминување на проблемите и правилно решавање на различните прашања и обезбедување ефикасно проширување на овој процес во текот на следните пет години.

Првиот човек на Европскиот совет најави дека за две недели ќе го посети регионот на Западен Балкан и ќе разговара со лидерите на шесте земји, меѓу кои и со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, за „да се продолжи со водењето на овој процес напред“.

Бугарскиот премиер, Росен Жељазков, пак, порача дека Бугарија е вистински партнер на ЕУ за просперитет на Унијата.

-Бугарија многу го цени вашиот ангажман, вашата посветеност на работите на Унијата. Ја гледаме вашата амбиција и напорна работа, начините на кои ја организирате работата на Советот. За мене е чест да соработуваме. Во лицето на нашата влада, имате вистински партнер за просперитетот на Унијата и за почитување на нашите демократски вредности. Денес, кога ЕУ се соочува со нови геополитички и економски предизвици, важно е да го зачуваме нашето единство. Бугарија ќе продолжи да биде конструктивен и сигурен партнер во остварувањето на целите на Унијата. Бугарија има што да даде, рече Жељазков.

 Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и актуелен специјален владин претставник за унгарското претседателство со ЕУ, Ивица Боцевски, во телевизиско гостување оцени дека во Софија ќе имаат проблем да му објаснат на Кошта, зошто инсистираат на ветото во услови кога во Европа беснее војна.

Наспроти ваквите пораки, стигна предупредување од потпретседателката на земјата, Илијана Јотова, која во интервју за бугарски медиум предупреди дека „се искривува темата проширување на ЕУ“, особено со земјава, каде што имало обиди процесот да се билатеризира.

-Постои тенденција ова проширување и овој процес да се стават во билатерална рамка. И уште повеќе – некои од нашите европски партнери, вклучително и европската комесарка Кос, зборуваат како Бугарија да го запрела овој процес затоа што има некаков билатерален проблем, затоа што двете земји не се разбираат, затоа што не можат да се договорат за нешто, вели Јотова за „Bulgaria ON AIR“.

Нема компромис без гаранции

Македонскиот шеф на дипломатијата пред неколку дена изјави дека македонските власти ги убедуваат Софија и Брисел дека билатерализацијата на процесот на проширување создава ризик за државава, а штети и на угледот на ЕУ и дека Македонија не е подготвена на компромис во однос на уставните измени, без гаранции.

-Ја разбираме потребата од изнаоѓање решение за одблокирање на нашата европерспектива, но не сме подготвени како Влада за компромис без никаква форма на институционална гаранција и предвидливост на патот напред, ниту за дополнителни отстапки за идентитетски и историски прашања. Имаме комуникација, се среќаваме, имаме и комуникација која е потпомогната и од одредени земји членки и од институциите во Брисел. Ние го разбираме товарот, односно потребата од изнаоѓање решение. Но решение, коешто за неколку месеци повторно ќе не стави во истата ситуација, кое ќе значи дополнителни отстапки по однос на национални, идентитетски и историски прашања не сме подготвени да правиме, пред сè, бидејќи премногу такви отстапки се направени во изминатите 30 години, а времето покажа дека по секоја таква отстапка ни се поставува нов предизвик повторно од истата природа. И работиме на убедување и на Софија и на институциите во Брисел и активно убедување на сите земји членки дека оваа билатерализација, создава ризик за нас како држава, создава ризик за цел регион, бидејќи таа пракса гледаме почна да се повторува и по други примери и има најави дека ќе се повторува и по однос на евроинтеграцискиот пат и на некои други земји од регионот, а најмногу штети на кредибилитетот на ЕУ. Ние и требаме на ЕУ и ЕУ ни треба нам и заеднички треба отворено да зборуваме за овие теми, рече Муцунски повторувајќи го ставот на Владата во гостување на ТВ Сител.

Дел од познавачите сметаат дека заедничките изјави на Кошта и Жељазков ја потврдуваат определбата на Европската Унија за интеграција на Западен Балкан, но и потребата од исполнување на сите европски критериуми и одржување на добрососедски односи. Македонија останува дел од европската агенда, а напредокот кон членство во ЕУ ќе зависи од политичката волја, реформите и конструктивниот дијалог со соседите. Посетата на Кошта се смета за силен сигнал на поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, но и за потсетување дека напредокот на Македонија кон ЕУ зависи од политичка волја и конструктивен дијалог меѓу сите засегнати страни.

Со посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Софија, Европската Унија јасно демонстрира подготвеност да преземе поактивна улога во олеснувањето на дијалогот меѓу Скопје и Софија и надминувањето на застојот во македонските евроинтеграции. Со оваа дипломатска иницијатива, ЕУ испраќа порака дека е подготвена да посредува и да ја поттикне динамиката во процесот, покажувајќи јасна желба Македонија да се придвижи напред кон членство, преку поддршка за компромис и конструктивен дијалог меѓу сите засегнати страни. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ