Цените не само што останаа високи по стапувањето на сила на владината мерка „новогодишна кошница“, туку кај некои производи и дополнително се зголемија, вели Лолита Ристова од СДСМ. Таа истакна дека од партијата ги провериле цените по маркетите.
– Цената на маслото сега е 97 денари, а на 1 октомври се продаваше за 83 денари. Значи имаме зголемување, а не намалување. Јајцата што се продаваа од 75 до 85 денари, сега се над 100 денари (од 107 до 140 денари). Кај мешаното сирење нема промени и цените се движат околу 450 денари – непроменето. Кашкавалот е поскапен и сега е над 600 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост, во некои маркети достигна и над 72 денари, исто така зголемена цена. Намалувањето кај кравјото сирење е минимално – само 5 денари, и сега е 398 денари за килограм. Ова е реалноста, ова се фактите кои јасно ја покажуваат измамата која со кошничката им ја приреди власта на граѓаните – рече Ристова.
Според неа, ако власта ја прифатела идејата на СДСМ за укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, едно семејство би заштедило 2.000 денари месечно, или 24.000 денари годишно.
– Тоа што власта не ја прифати оваа мерка покажува дека Мицкоски им удоволи на трговците и им дозволи тие да се богатат на грбот на граѓаните – рече Ристова.
А пак, заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во саботата направи мониторинг во еден од поголемите прилепски маркети, заедно со претставници од бизнис-секторот. По обиколката, тој изјави дека мерката се одвива непречено и има намалено цени на над 1.000 производи.
– Гледаме дека производите кои ги понуди Стопанската комора во новогодишната кошничка се одлично означени со претходната цена која е прецртана и со најмалку 10 отсто намалување. Тоа е добро за визуелен ефект на граѓаните за да може да ги препознаат производите кои се со намалена цена – изјави Ристески.
Новогодишната кошничка содржи околу 1000 производи, во околу 50 маркети и во над 500 продажни места во земјава. Пазарниот инспекторат континуирано прави контроли. Има одредени мали забелешки, но не ја нарушуваат акцијата. Ристески уште еднаш ги повика граѓаните да реагираат и да пријават неправилности на бројот 191 на Државниот пазарен инспекторат.
– Мислам дека мерката ќе тече во најдобар ред. Онаму каде што има одредени забелешки, потрошувачите, односно купувачите ќе може слободно да се јават на бројот 191, односно тоа е бројот на пазарната инспекција, да пријават и да бидат коригирани грешките, а онаму каде што ќе се повторуваат грешките, трговците ќе може да бидат казнети според Законот за заштита на потрошувачите – рече Ристески.
Тој истакна дека и понатаму ќе продолжи мониторингот низ градовите на цените од „новогодишната кошничка“ и во еден од тие мониторинзи ќе бидат вклучени и синдикатите и организацијата на потрошувачи на Македонија.