Американецот Мајкл Луис (55) е уапсен во Индијанаполис, поради испраќање заканувачки и сексуално експлицитни пораки на кошаркарката на ВНБА, Кејтлин Кларк. Поради тоа, му се заканува казна затвор до шест години.

Мајкл Луис од Тексас е обвинет за тешко вознемирување откако испратил пораки преку платформата X, порано „Твитер“. Детективите ја следеле IP-адресата до хотелот во Индијанаполис, што дополнително ја зголемило нивната загриженост за негово присуство таму. Луис првично ги негирал обвинувањата, но подоцна признал дека ги испратил пораките, опишувајќи ги како „фантазија“ и „шега“. Иако полицијата барала да престане да упатува закани, тој продолжил.

Кошаркарката Кларк изјави дека се чувствува исплашено од содржината на пораките.

На Луис му се заканува можна казна до шест години затвор, а обвинителството побара и забрана за пристап до одредени спортски објекти. Обвинителот Рајан Меарс ја истакна важноста од пријавувањето на онлајн вознемирувањето и нагласи дека жените заслужуваат безбедност во општеството.

  • Без разлика колку сте познати, овој случај покажува дека онлајн вознемирувањето може брзо да ескалира во реални закани за физичко насилство. Потребна е голема храброст за да истапат жените со вакви случаи. Многу не го прават тоа. Со тоа што го направи, жртвата им дава пример на сите жени што заслужуваат да живеат и да работат во Индијанаполис, без закана од сексуално насилство – се вели во соопштението на обвинителот.

Инаку, американскиот новинар Грег Дојл беше суспендиран минатата година, поради непримерен разговор со оваа кошаркарка.

ИЗДВОЕНИ