Граѓаните најмногу ги загрижува и состојбата со небезбедните патишта и брзото возење, потоа следуваат криминалните пресметки и насилниот криминал со злоупотреба на дрога. Според испитаниците, само со построги закони и поголема дисциплина меѓу граѓаните ќе може да се надмине загрозената безбедност. Ваквите изјави на граѓаните се оправдани, сметаат социолозите што ги консултираше весникот ВЕЧЕР, бидејќи сообраќајките со жртви станаа секојдневие, заплената на дрога, особено кај помладите и нивна идентификација со локалните криминални имиња, а, најмногу од сè, недовербата кај граѓаните во институциите дека ќе го заштитат граѓанинот и ќе испорачаат правда |
Корупцијата, организираниот криминал, иселувањето во странство и финансиската задолженост прават мнозинството граѓани во Македонија да се многу загрижени, покажуваат последните податоци од анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка, спроведена телефонски, на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.
– Македонците и припадниците на другите етнички заедници се позагрижени за финансиската задолженост, корупцијата, иселувањето во странство, организираниот криминал, злоупотребата на дроги и за „белата чума“, додека Албанците се позагрижени за надворешната агресија, борците од Сирија и од Ирак, сепаратистичките тенденции и десничарскиот и левичарскиот екстремизам – пишува во анкетата на МЦМС.
Речиси половина од граѓаните се многу загрижени поради злоупотребата на дроги, а на прашањето „Кого штити македонската полиција?“, најмалку или 18 % од прашаните граѓани сметаат дека полицијата ги штити граѓаните и нивниот имот. Најчесто бил избиран одговорот, кај околу 30% од испитаниците, дека полицијата ги штити криминалците што се во спрега со политичарите и со државата, потоа финансиските моќници, односно политичарите што ги злоупотребуваат државните ресурси.
– Партиската припадност е најчесто избрана како основа за нееднаков третман, а по неа следуваат верата и материјалниот статус. Невработеноста, сиромаштијата, појавата на локален тероризам и на вооружен бунт и меѓуетничките тензии се факторите што можат да влијаат на безбедноста – стои во истражувањето.
Граѓаните најмногу ги загрижува и состојбата со небезбедните патишта и брзото возење, потоа следуваат криминалните пресметки и насилниот криминал со злоупотреба на дрога. Според испитаниците, само со построги закони и со поголема дисциплина на граѓаните ќе може да се надмине загрозената безбедност.
Ваквите изјави на граѓаните се оправдани, сметаат социолозите што ги консултираше весникот ВЕЧЕР, бидејќи сообраќајките со жртви станаа секојдневие, заплената на дрога, особено кај помладите и нивна идентификација со локалните криминални имиња, а, најмногу од сè, недовербата кај граѓаните во институциите дека ќе го заштитат граѓанинот и ќе испорачаат правда. Целата оваа клима лошо влијае на психата на луѓето и додавајќи ја сиромаштијата, младите сè почесто се одлучуваат да заминат од државата, коментираат социолозите за весникот ВЕЧЕР. (П.А.)