Корупцијата и злоупотребите растат во законските дупки

Анализата на Антикорупциска комисија за регулативите покажува

406

Водејќи се од последната изјава на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски дека вкупно 13 години ниту еден инспектор не стапнал да спроведе проверка во кабарето во Кочани, во кое загинаа 61 млад човек, се заклучува дека законите за надлежните постоеле само на хартија. Оние закони што ја регулираат угостителската област имаат „дупки“, кои лесно можат да бидат злоупотребени, е  заклучокот на Антикорупциската комисија по спроведената анализа на регулативата која била заобиколувана од одговорните. Антикорупционерите забележуваат на законската можност да се добие лиценца за угостителска дејност само со изјава на сопственикот без притоа да се направи проверка на условите во објектот.

-Во Законот за угостителска дејност утврдивме регулаторен ризик – одредбата овозможува упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови, доволно е лицето само да достави пријава до Државниот пазарен инспекторат без обврска надлежниот орган да ја верификува точноста на наводите. Ризикот е во тоа што постапката е формално завршена без реална потврда на исполнетост на условите што создава правна празнина поради отсуство на обврската за контролен надзор при регистрација и се отвора простор за декларативни пријави што во пракса значи дозвола за вршење дејност без реална проверка што може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите, детектираат од Комисијата за спречување на корупција и му предлагаат на Законодавецот да се пропише обврска ДПИ да изврши увид во определен рок, на пример 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување, вклучувајќи можност за казна или одземање на одобрението.

Во последната акција, заради проширување на истрагата за Кочани, меѓу приведените се поранешните министри за економија уште од минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Беким Незири, Дритон Кучи и Ваљон Сарачини, како и поранешниот директор на пазарен инспекторат Виктор Дерменџиев. Причините се повеќето линии на одговорност кои укажале на незаконити дејства и пропусти во континуитет кои довеле до тоа кабарето „Пулс“ од самиот почеток, па сè до настанување на пожарот да се занимава со угостителство без притоа воопшто да исполнува законски услови со нарушување на сите безбедносни правила и загрозувајќи го животот на сите што го посетувале.

Јавниот обвинител Коцевски во неделата кажа дека општината не правела ниту градежна инспекција ниту за заштита и спасување на објектот кој бил незаконски пренаменет без минимум услови по здравјето и безбедноста на граѓаните.

„Граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти во сите општини во државата. Во ова нешто на човек му е тешко да верува, но така е“, изјави Коцевски.

И антикорупционерите забележуваат на слабата казнивост кои ги пропишуваат законите. -Во однос на казните, наместо предвидените инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана, се предвидува врачување покана за едукација што не е, рече претседателката на ДСКС, Татјана Димитровска, во согласност со важечките законски процедури. Неусогласеноста на законите создаваат простор за корупција, злоупотреби и селективно постапување.

Меѓу осомничените во најновото проширување на истрагата е и актуелниот министер без ресор кој од 2008 до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, како и неговиот наследник Аднан Џаферовски и актуелниот директор Џеват Селами.

„Постои сомневање дека тие целосно ги запоставиле своите надлежности и не спровеле инспекција ниту во овој клуб, туку и во останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле не спровеле мерки на следење, набљудување, и инспекциски контроли над објекти кои вршат угостителски дејности, дискотеки и кабареа“, изјави пред неколку дена Коцевски.

Извештајот од спроведена антикорупциска проверка со кој покрај Законот за угостителска дејност се опфатени и Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експлозивни материи ќе биде јавно објавен, но ќе биде и доставен до предлагачот, како и до институциите што ги имплементираат и регулираат овие закони. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ