Најголемите ризици од корупција на локално ниво се забележани во процесот на доделување и на продажба на градежни дозволи, при јавните набавки и при доделувањето на Б интегрираните дозволи, покажуваат резултатите од истражувањето во неколку големи општини, спроведено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Ова беше соопштено на вчерашната конференција „Заштита од корупција: перспективи и решенија на локално ниво“.
– Широките надлежности што ги имаат општините наспроти нивните ограничени кадровски и финансиски капацитети ги прават да бидат особено ранливи на корупција. Во изминатите три години, работевме на истражување и на детектирање на ризиците од корупција, конкретно во осум општини во државата, и тоа најголемите во осумте плански региони и констатиравме дека имаат сериозни ризици од корупција буквално сите во однос на спроведувањето на јавните набавки, во областа на урбанизмот како што се доделувањето градежни дозволи, продажбата на градежно земјиште, во однос на доделувањето на Б интегрираните дозволи и приходите што ги собираат од нив, во однос на тоа како управуваат со спортските објекти итн. – вели Сабина Факиќ од ЦГК.
Таа посочи дека врз основа на констатираните ризици од корупција во сите овие општини, од Центарот изготвиле предлог-мерки што е тоа што треба да го направат тие во следниот период, во насока на намалување на корупцијата.
– Дел од тие мерки се усвоени, но голем дел сè уште остануваат да се усвојат и целта е да се јакне интегритетот, колку што е можно тоа, на општините и да се намалува можноста за корупција. Да се намалува корупцијата е навистина предизвик во услови кога сведочиме дека со декади наназад санкционирањето на корупцијата изостанувало. Во услови кога произлегува дека корупцијата е „исплатлив“ бизнис, не можете да очекувате од другата страна дека можете да влијаете со некакви мерки, како што се нашите предлози, во однос на воведувањето нови политики и јакнењето на капацитетите на кадарот да постапуваат со интегритет и да не дозволуваат да бидат предмет на поткуп и да имаат судир на интереси. Оттука мислам дека е многу важно да се работи и натаму со општините во насока да ги применуваат овие меки мерки, но и да се работи на санкционирање што е можно повеќе на корупцијата и да се испрати порака дека таа ќе биде санкционирана на сите ниво на власт, и на локално и на централно ниво – подвлекува Факиќ.
Таа посочува дека најголемите слабости, односно ризик од корупција во општините, се констатирани во процесот на доделување градежни дозволи, бидејќи поголем дел од општините имаат генерален урбанистички план постар од 20 години, иако планските документи треба да траат до 10 години.
Деталните урбанистички планови, како што нагласува Факиќ, во најголем дел, односно дури две третини кај сите општини, се менуваат по барање на физички и на правни лица, што значи дека општините воопшто не го планираат урбанизмот, туку тој е последица на интересите на градежните фирми и на физичките лица.
ЦГК констатира дека има и многу слаб инспекциски надзор кога станува збор за градежништвото.
– Имаме ситуации во кои во некои општини се изрекуваат опомени, се преземаат некакви мерки, а во други општини, никакви мерки и активности не беа преземени од инспекциските служби. Тука би рекла дека се најголемите слабости – вели Факиќ.
Потенцијал за подобрување, според неа, има, особено во доделувањето на Б интегрираните дозволи, а е потребна и измена во насока на тоа дека фирмите што се носители на овие интегрирани дозволи, да им плаќаат на општините многу повеќе, а не како досега, годишно по 900 денари за загадувањето што го прават врз животната средина на годишно ниво.
Конференцијата „Заштита од корупција: перспективи и решенија на локално ниво“ Центарот за граѓански комуникации ја организира во рамките на проектот „Заштита од корупција“, кој го спроведува со финансиска помош од Кралството на Холандија, а беа опфатени општините Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип.