Новоназначениот директор на „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски, предупредува на сериозноста во изведбата на објектите на пругата што се гради кон Бугарија. По обиколката, која на направил на терен, тој вели дека тоа што го видел, во најмала рака, е вчудовичувачко и разочарувачко.

– Минатиот петок бев на терен, на втората делница од пругата кон Бугарија (од Бељаковце до Крива Паланка). Требаше да се бетонира темел за столб за мост. Пред да се бетонира, им се распадна целата арматурна конструкција како да е направена од цевки за пиење сок, а не од арматурни прачки со дебелина од ф28 мм и ф32 мм. Поточно, вертикалните арматурни прачки, кои се, всушност, самиот столб на мостот по кој ќе се движи воз, се урнаа врз целата конструкција. Внимавајте, столбот што ќе се изгради врз овој темел треба да биде висок 13 метри, и по него и по другите столбови ќе минува мост (пруга) и возовите ќе пренесуваат патници. За ризикот, проценете сами – напиша Ивановски на „Фејсбук“, посочувајќи дека забележал на неколку места неквалитетно бетонирање (сегрегација на бетонот и пукнатини).

Вели дека ги прашал претставниците на фирмата изведувач, кои веднаш се појавиле на терен, што е причината за таквата ситуација. Тие му одговориле дека ветрот ги дувнал арматурите.

–  Одговор за потценување на интелигенцијата, но, сепак, им дадов втора шанса за корекција на одговорот. На тоа, ме поканија во „кафеанче на рипче“. Неколку пати. Се разбира дека одбив. На нивните аматерски одговори, следуваше моето образложение до нив зошто им се случило тоа што им се случило со темелот. Па тука сфатија дека разговараат со некој што ја разбира проблематиката подобро од нив, па така фатени на дело во нивното „дело“, од немоќ следуваше уште една покана „за рипче”. Вистината е дека планираа да прицврстат 9 метри високи арматурни прачки со пречник од ф28 мм и ф32 мм со 15 сантиметри Л-превиткување, но, очигледно, дека ни тоа не го врзале (армирале) соодветно – констатира Ивановски.

Според него, работите на главниот изведувач, „Ѓулермак“, ги работи фирмата подизведувач „Андра центрум“, која била ставена од Владата на црна листа додека работела германската фирма „Вибе“ на тој потег.

– Оваа фирма не смее да работи на овој проект. Но, го смениле називот на фирмата и, ете, ги пак на терен, под името „Инфраструктура“ ДООЕЛ. Едноставно, генијално и иновативно – вели Ивановски.

Тој забележува како надзорот ИРД не го видел тоа што се случува, особено во вакви ситуации, кога има бетонирање на столбови.

– Од надзорот нема ни „н“ на терен, а треба да е секојдневно и постојано таму. На хартија, тие се секој ден таму и тие го наплаќаат тоа, а ги нема на терен. Прашањата на кои ќе побарам одговори се кој им потпишува, дали е вистина дека се има случувано лица ангажирани од фирмата за надзор воопшто да не биле во државата, а да стојат во документите, кои ги плаќаат дека биле на терен, на изградба на пругата – прашува Ивановски.

Договорот за градба на втората фаза е 155 милиони евра, средства обезбедени со грант од WBIF и заем од ЕБРД. Предвидена е дополнителна сума на ова, во висина од 10 % за непредвидени работи, а, како што потенцира Ивановски, моменталниот прогрес на работите е 17,5 % (27милиони евра).

– Овие 10 % непредвидени работи (15,5 милиони евра) веќе ги имаат искористено во добар дел – „непредвидени“ 5,3 милиони евра за мост број 11 и 28 милиони евра затоа што доцнела државата за визите за работници од странство. Откако пристигнаа работниците, го гледаме нивниот „прогрес“ од 17,5 %, а рокот за целокупното завршување на проектот е октомври 2026 година. Нема шанса да го стигнат, затоа што наместо да го стават фокусот да градат, тие го ставаат фокусот на креирање ситуации за пенали кон државата, а надзорот ИРД, без никаков проблем, ги прифаќа нивниве побарувања и варијации (вкупно 13 досега, во износ над еден милион евра). И сето тоа на товар на државниот буџет. За вакво неодговорно и несериозно однесување кон државните капитални инфраструктурни проекти, пред сè ќе ги информирам Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство, и Владата и ќе пратам соодветна информација до банките финансиери на овој проект – потенцира Ивановски.

(С.Бл.)