Согласно со обврските од Акцискиот план со краткорочни мерки за чист воздух за грејната сезона 2024/2025 година, општините Охрид, Битола, Штип, Тетово, Прилеп, Гази Баба, Кисела Вода, Струмица и Крушево доставија извештаи за реализираните активности за периодот од 27 до 31 јануари 2025 година.

Во Охрид, акцентот е ставен на контролата на исправноста на возилата и на намалувањето на издувните гасови од сообраќајот и е извршен вонреден инспекциски надзор на две градилишта, при што не се забележани недозволени емисии од загадувачки супстанции.

Инспекциските служби на Општина Битола, во втората половина на јануари, извршиле контролни надзори на три инсталации со Б-дозволи и ги задолжиле да преземат мерки за сведување на емисиите во воздухот во законски дозволените граници. Во моментот се чекаат резултатите од нови мерења. Исто така, извршени се надзори во 11 автосервиси за постапување со отпад и не е констатирано согорување на отпадно масло и се постапува со него согласно со закон: привремено е безбедно складирано и се предава на овластени субјекти. При континуираните контроли, комуналните инспектори не констатирале горење отпад на отворено.

Во Општина Штип се извршени пет инспекциски надзори кај правни субјекти што поседуваат Б-дозвола и три се задолжени да извршат мерења пропишани во самите дозволи. Исто така, извршени се 14 вонредни инспекциски надзори кај субјекти што поседуваат елаборат за заштита на животната средина, од кои кај шест правни субјекти што извршуваат дејност  преработка на дрво и дрвни производи, вклучувајќи и изработка на мебел, е издадено решение за постапување за мерења согласно со елаборатот.

Во Општина Тетово, инспекциските служби извршиле инспекциски надзор. Инспекциските служби во Тетово спровеле инспекциски надзор кај пет правни субјекти и не биле забележани неправилности кај нив. Во процесот на производство, два субјекти користат електрична енергија, а три огревно дрва (главно, пекарници).

Општина Прилеп, во текот на наведената седмица, спровела пет инспекциски надзора, од кои четири биле кај автосервиси, а еден е кај правен субјект што врши ископ на мермер. Кај автосервисите се извршени мерења на емисиите од стациониран извор.

Во Општина Гази Баба се спроведени инспекциски надзори согласно со одредбите од Законот за урбано зеленило, при што комуналните инспектори на Општина Гази Баба изрекле 12 казни. Исто така, изречени се седум казни согласно со Законот за јавна чистота, а е направена обиколка на сите критични точки каде што најчесто се случуваат прекршоци во поглед на депонирањето и/или палењето отпад и е изречена една казна за несоодветно депонирање отпад. Констатирано е дека сериозен проблем за Општина Гази Баба се домаќинствата што се загреваат согорувајќи дрвен отпад (иверки, отпадни штици и слично). Опоменати се две физички лица по овој основ и наложено е итно отстранување на отпадот од дворните места и користење огревно дрво за затоплување.

Извршена е проверка на спроведувањето на мерките за намалување на загадувањето (правилно депонирање на отпадот, работа со посебни маневри што нема да предизвикуваат прав и сл.). Се врши редовна контрола на возилата што излегуваат од градилиштата и им се препорачува на инвеститорите да ги мијат тркалата на возилата пред излез од градилиштата.

Општина Крушево го стави акцентот на зајакнатите акциски контроли на техничката исправност на возилата што учествуваат во сообраќајот, на патиштата. Акцентот е на издувните гасови од возилата, особено од оние со дизел-горива, тешките товарни возила и нерегистрираните возила.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ