Контролата на патниците кои влегуваат во ЕУ може да започне од Луксембург

9
EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Луксембург би можел да биде во првата група земји од Европската унија кои ќе воведат нов дигитален систем за контрола на патниците – ЕЕС. Владата на таа земја, како што пишува „Лукс тајмс“, најави дека ќе биде подготвена да го воведе тој систем следната недела како што беше првично планирано, доколку тој рок повторно не се одложи.

На последниот министерски состанок во Луксембург, Франција, Германија и Холандија побараа одложување на контролата за влез и излез од Унијата, бидејќи компјутерските системи се уште не се подготвени за тоа, па од Брисел беше соопштено дека почетокот на примената на ЕЕС се одложува „до дополнително известување“.

Тие, исто така, сугерираат дека неговата имплементација би можела да започне на крајот на оваа или на почетокот на следната година, но во фази – првично само во неколку земји од ЕУ, со цел да се тестира ефективноста на системот, пред да се стави во функција низ Унијата.

ЕЕС е систем на апликација за патување во земјите на ЕУ, кој се пополнува пред секое патување и кој вклучува обезбедување на биометриски податоци при првото пристигнување на надворешната граница на ЕУ.

Целта на воведувањето на ЕЕС, како што беше претходно наведено, е да се укине печатот на пасошите, да се забрзаат процедурите за преминување на границите и подобра контрола на влезот во ЕУ.

Системот ги вклучува сите земји од ЕУ, освен Кипар и Ирска, како и четири земји кои одржуваат блиски врски со Унијата: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.

Првично беше планирано да биде пуштена во употреба во 2022 година, но тој рок неколку пати беше одложуван, бидејќи земјите-членки не беа подготвени за тоа.