Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување, реагираше дека Општината утринава повторно се соочила со смет на улиците за кои е надлежен Град Скопје.
– Жителите на Центар се соочија со истата грда слика од минатата недела, Град Скопје и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, не го исчистија ѓубрето од центарските улици, каде што имаат надлежност. Жална е сликата во непосредна близина кај училиштето „Коле Неделковски“. Секои понеделник и вторник се случува истото, децата и родителите го прерипуваат ѓубрето за да стигнат до училиштето. Сметот не е отстранет на неколку локации во Центар – потенцира Герасимовски.
Тој информираше дека утринава бил отстранет сметот од службите на Општина Центар.
– Постојано повикуваме екипи од „Комунална хигиена“, одговорот е недоволен број вработени и стара дотраена механизација, која е делумно расипана. Ова не е оправдување, многу одамна градоначалничката Арсовска не учествува ни на состаноците на ЗЕЛС, на Скопскиот Плански Регион, каде што треба да се разговара на овие теми, да се решаваат проблемите на жителите не само на Општина Центар туку на ниво на Град Скопје – истакна Герасимовски.
Тој потенцираше дека неколку пати имаат побарано да се размисли за преземање на ингеренциите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
– Штом ние, со нашиот број вработени и со оваа механизација, успеваме делумно, не целосно да го решиме проблемот, јас сум сигурен дека доколку ни се дадат поголеми ингеренции, поголема механизација и поголем број вработени, хигиената ќе биде на доста повисоко ниво – дециден е Герасимовски.
Минатата недела, Општина Центар започна со голема акција за чистење под слоганот „Центар не чека, центар чисти“, при што секој ден, во две смени се чистат улиците од смет откако потфрли Град Скопје.