Конститутивна седница на новиот состав на Собранието

123

Денеска во Собранието треба да започне седницата на која ќе биде конституиран новиот парламентарен состав по изборите одржани на 8 мај.

Според Деловникот, со седницата ќе претседава најстариот по години пратеник, односно со 66 години Мерита Колчи Коџаџику од коалицијата ВРЕДИ. Доколку и таа не е во можност да претседава со седницата, тоа право преминува редоследно на наредниот највозрасен избран пратеник.

Почетокот на седницата е закажан за во 11 часот, а на дневен ред се четири точки.

-Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија;

-Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија;

-Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија;

-Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.

Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.

Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници, но на денешната седница се очекува да присуствуваат 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и кои добија уверенија од ДИК. За останатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда (22 мај) сè уште течат жалбените постапки.

По седницатa и официјално ќе почне да тече рокот од 10 дена со кој новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова е должна да му го довери мандатот на кандидатот на коалицијата која ќе обезбеди мнозинство во Собранието.

Штом го добие мандатот, согласно со Уставот, новиот мандатар има рок од 20 дена да му го достави предлогот за составот на новата влада на Собранието, по што почнува да тече рокот од 15 дена во кој треба да се закаже собраниската седница за избор на нова Влада