Фестивалот на краток филм ФИЛМАЈ го отвори конкурсот за пријавување филмови за седмото издание, кое ќе трае до 15 март 2025 година.
Преку платформите „FilmFreeway“ и „festhome“ може да се пријават кратки играни филмови со траење до 20 минути и завршени по 1 јануари 2023 година.
„Филмовите може да конкурираат за наградата ‘Лазар Ѓорѓевиќ’ за најдобра режија, за наградата ‘Радислав Ристевски’ за најдобра фотографија/кинематографија, за наградата ‘Koзјак’ за најдобрo сценарио и за наградата ФИЛМАЈ за најдобар краток филм. Македонските (домашни) филмови што ќе се пријават, освен за најдобар македонски филм, истовремено влегуваат и во меѓународната конкуренција за горенаведените награди“, посочуваат организаторите на фестивалот.
Фестивалот е организиран од фото-киноклубот „Козјак“ – Куманово.