Конклавата за избор на нов папа ќе почне на 7 мај, договорија кардиналите

190

Во кладилниците фаворити за нов папа се Италијанецот Пјетро Паролин, кој е државен секретар на Ватикан, Унгарецот Петер Ердо, Филипинецот Луис Антонио Таљат, кој доколку биде избран, би бил првиот папа од Азија, како и Матео Купи кој стана член на колеџот на кардинали благодарение на папата Франциск. Но, извори од Ватикан брифираат дека повеќе од 20 кардинали се идентификувани како можни кандидати за папа. Најдолгата конклава во историјата траела речиси три години – од 1268 до септември 1271 година, а папата Франциск е избран за два дена со пет гласања

 

Изворот на нов папа по смртта на папата Франциск, познат како конклава, ќе почне на 7 мај, одлучија кардиналите, кои вчера пристигнаа во Ватикан на состанок таканаречен претконклава, објави „Ројтерс“. Деветте дена жалост за починатиот папа, сметано од саботата, кога беше погребан, завршуваат на 4 мај, така што најран датум што можеа да го договорат кардиналите беше 5 мај.

Конклавата, според вековната традиција на Ватикан, ќе се одржува зад затворени врати во Сикстинската капела. Од вкупно 252 кардинали, колку што ги има во светот, право на глас имаат само кардиналите помлади од 80 години, а нив ги има 135. Според правилата на Ватикан првиот ден се гласа еднаш, а во наредните денови по четири пати, сè додека некој од кардиналите не добие две третини од гласовите, со што станува папа. По неуспешните гласања, гласачките ливчиња се палат со додавање хемикалија со што од оџакот на Сикстинската капела излегува црн чад, а кога ќе се избере папа, ливчињата се палат со друга хемикалија и од оџакот излегува бел чад.

Шпекулациите за тоа кој би можел да го наследи папата Франциск почнаа уште дента кога почина, а сега добиваат на интензитет. И кладилниците, во кои се лицитираат имиња, работат со полна пареа. Таму деновиве во водство е  италијанскиот кардинал Пјетро Паролин, кој е државен секретар на Ватикан од 2013 година и се смета за разумна и умерена фигура во рамките на Католичката црква. Меѓу фаворитите се вбројува и кардиналот Петер Ердо од Унгарија, конзервативец кој верува во вечноста на бракот, па е против давање причест на разведени или повторно венчани католици, а прифаќањето бегалци го споредува со трговија со луѓе. Во оптек се и имињата на Филипинецот Луис Антонио Таљат, кој доколку биде избран, би бил првиот папа од Азија, како и на Матео Купи, кој стана член на колеџот на кардинали благодарение на папата Франциск. Но, извори од Ватикан брифираат дека повеќе од 20 кардинали се идентификувани како можни кандидати за папа. Се смета дека овој избор на папа би бил со многу неизвесен исход, затоа што голем број кардинали кои ќе гласаат беа назначени од самиот папа Франциск, во изминатите 12 години, а 20 станаа кардинали во декември лани, така што повеќето од нив на конклавата ќе се видат за првпат.

Гласањето за папа може да потрае неколку дена, а денешните кардинали се во многу подобра позиција од нивните претходници во далечното минато, кои биле изложени на спартански услови или затворени толку долго, што некои умирале. Најдолгата конклава во историјата траела речиси три години, од ноември 1268 до септември 1271 година. Во 20 век најдолгата конклава траела само пет дена, со 14 гласања, а папата Франциск беше избран за два дена со пет гласања. Додека гласаат кардиналите се изолирани. Самиот збор конклава значи под клуч, а заклучувањето почнало во 13 век.

По погребот на папата Франциск, на кој присуствуваа околу 400 илјади свештеници, државници и верници, илјадници граѓани поминаа покрај неговиот гроб во базиликата „Санта Марија Маџоре“, чии врати за оддавање почит се отворени од неделата изутрина.

ИЗДВОЕНИ