Oстварувањето „Конклава“ го прикажува кардиналот Томас Лоренс, кој е задолжен да ги води еден од најтајните и најдревни настани во светот, изборот на нов папа. Филмот на Едвард Бергер ги освои двете главни награди БАФТА – за најдобар и за извонреден британски филм

Политичкиот трилер „Конклава“ (Conclave) на германскиот режисер Едвард Бергер ги доби двете главни признанија – за најдобар и за извонреден британски филм на 78. доделување на филмските награди на Британската академија за филм и телевизија, попознати како БАФТА.

Сцена од филмот „Конклава“

Филмот „Конклава“, напишан од Питер Страган, а заснован на романот на Роберт Харис од 2016 година, ги доби наградите на Британската академија и за адаптирано сценарио, како и за монтажа. Остварувањето, каде што улогите ги толкуваат докажаните актери Ралф Фајнс, Стенли Тучи, Џон Литгоу, Серџо Кастелито и Изабела Роселини, го прикажува кардиналот Томас Лоренс (Фајнс) кој е задолжен да води еден од најтајните и најдревни настани во светот, изборот на нов папа. Но кардиналот Лоренс се наоѓа во центарот на заговор (истражувајќи тајни и скандали за главните кандидати), што може да го разниша темелот на Католичката црква.

На доделувањето, по бројот на БАФТА маски со „Конклава“ се изедначи драмата „Бруталистот“ (The Brutalist), која се закити со наградите за најдобар режисер (Брејди Корбет), главен актер (Адриен Броди), музика (Даниел Блумберг) и кинематографија. Филмот ги прикажува архитектот визионер и неговата сопруга, кои бегаат од повоена Европа во 1947 година за да го обноват своето наследство и за да бидат сведоци на раѓањето на модерните САД, кога се менуваат нивните животи засекогаш, од мистериозен, богат клиент.

Сцена од филмот „Бруталистот“

Кај актерските награди, покрај Броди, наградата БАФТА за најдобра актерка ѝ припадна на Мики Медисон за улогата во филмот „Анора“ (Anora). Кај споредните улоги, пак, триумфираа Киеран Калкин за филмот „Вистинска болка“ (A Real Pain) и Зое Салдана за мјузиклотЕмилија Перез“, остварување што ја доби и наградата за филм од неанглиско говорно подрачје.

Со по две БАФТА награди се здобија повеќе филмови, меѓу кои и бајката „Злобница“ (Wicked) – за костими и сценографија; потоа филмот „Валас и Громит: Одмазда“ (Wallace and Gromit: Vengeance Most Fowl) – за најдобар анимиран, како и детски, семеен филм, и „Дина: Втор дел“ (Dune: Part Two) – за звук и за визуелни ефекти. За најдобар документарец беше избран „Супер/мен: Приказната за Кристофер Рив“ (Super/Man: The Christopher Reeve Story).

Свечената церемонија за БАФТА наградите се одржа на 16 февруари, во Лондон, во чест на филмовите што биле прикажани во британските кина во 2024 година. (Н.И.Т.)

Селена Гомез измами воздишки со длабокото деколте

Американската актерка и пејачка Селена Гомез присуствуваше на 78. издание на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА) во Лондон, а нејзиното длабоко деколте го привлече вниманието на нејзините фанови. Таа носеше креација на брендот Schiaparelli украсена со светки. Изгледот го комплетираше со едноставна шминка и црни потпетици. Додека позираше, таа се тресеше од студ, а по фотографирањето нејзиниот менаџер ја покри со јакна.

Таа беше номинирана за најдобра споредна женска улога за филмот „Емилија Перез“. Оваа награда ја освои нејзината колешка Зои Салдана.

Гомез изјави дека уживала во снимањето на споменатиот мјузикл и дека во иднина сака да се фокусира на актерството. Сепак, таа додаде и дека нема да ја запостави својата музичка кариера. Неодамна објави дуетска песна со нејзиниот свршеник Бени Бланко наречена „Scared of Loving You“.

Синтија Ериво со необичен фустан и многу светкав накит

Актерката Синтија Ериво се врати во својот роден град за да присуствува на доделувањето на наградите БАФТА за 2025 година во Royal Festival Hall во Лондон. Таа беше номинирана за награда за главна актерка за нејзината улога во хит филмската музичка адаптација „Wicked“. Ериво пристигна во бел фустан, што е припиен на телото, со тантела со цветен дезен и изразена јака. Актерката носеше светкав накит од Tiffany & Co, вклучувајќи нараквица со дијаманти и смарагд и обетки, a како и секогаш, соодветно ги наслика ноктите.

На црвениот тепих Ериво разговараше со водителката на БАФТА, Клара Амфо, и рече дека за неа е голема работа да биде во Лондон и да биде номинирана.

„Ја сакам од сè срце. Таа легитимно ми го промени животот”, изјави актерката за својот лик во “Wicked”. Ериво, исто така, рече дека е многу трогателно што луѓето од сите возрасти и сите сфери на животот ја пеат „Defying Gravity“, песната по која е најпознат нејзиниот лик.

Фото: EPA/EFE; Инстаграм

ИЗДВОЕНИ