Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека конфликтот во Украина нема да може да се реши за 100 дена доколку американскиот пристап не се заснова на реални основи.
Рјабков за ТАСС изјави дека би било важно да се види на која основа САД ќе тргнат кон решавање на конфликтот.
Според него, ако се земат предвид само неодамнешните сигнали од Вашингтон, решавањето на конфликтот на краток рок не е реално.
„Ако Вашингтон е пореален во својот пристап, можеби ќе започне некој процес, но брзината на тој процес е тешко да се предвиди“, додаде Рјабков.
Тој се повика на извештајот на Wall Street Journal според кој американскиот претседател Доналд Трамп го задолжил својот специјален пратеник Кит Келог да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 100 дена.
Според проценките, постигнувањето договор со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде многу потешка задача отколку што очекуваше Трамп за време на изборната кампања, кога изјави дека ќе стави крај на конфликтот пред да ја преземе функцијата, пренесува Танјуг.