Мексиканскиот возач Серхио Перез изјави дека ќе паузира најмалку шест месеци од трките откако доби отказ од тимот на Ред бул. Тој ужива во својата новооткриена слобода, но вели дека би бил во искушение дали се врати во Формула 1 доколку дојде до „интересен проект“.
По 14 сезони во Формула 1, годинава тој нема место во еден од тимовите, по разочарувачките резултати минатата година, во Ред бул. Него во тимот го замени Лијам Лосон од РБ, јуниорскиот тим на Ред бул.
Во своето прво јавно појавување по отказот во декември, Перез разговараше со студентите на универзитет во својата татковина, каде што го прашаа за иднината во Формула 1.
- Искрено, не знам. Рано е да дадам одговор. Сè се случи многу брзо, на крајот од сезоната, не го очекував тоа. Се наоѓам во неверојатна позиција во која не ни знаев дека се наоѓам, па ако ме прашате сега, не знам многу. Многу сум задоволен од животот и возбуден сум од она што доаѓа. Доколку добијам место во некој добар, интересен проект, тогаш дефинитивно ќе размислам за тоа, сè ќе си дојде во свое време – истакна Перез, а пренесе „Скај спортс“.
Потоа се надоврза на своите приоритети во иднина.
- Засега, приоритет во наредните месеци ќе ми биде да се забавувам, да го правам она што не можев, да патувам, да бидам со семејството… Во следните шест месеци ќе донесам одлука за следниот чекор во кариерата – додаде 34-годишниот возач.
Во 2023 година, Перез беше втор во шампионатот, зад тимскиот колега Макс Верстапен, а Ред бул ја освои титулата кај конструкторите.
Тој започна добро минатата сезона, имаше четири пласмани на подиумот и беше меѓу најдобрите пет на првите шест трки.
Потоа потпиша двегодишен договор со Ред бул, но неговата форма падна и на последните осум трки освои само девет бода. Токму поради тоа, раководството на Ред бул одлучи да го раскине договорот со него бидејќи на тимот му требаше силен втор возач, па го ангажираше Лосон.
Перез рече дека сега, откако беше отпуштен од Ред бул, ужива во слободата.
- Тоа е неверојатно. Тешко е да се опише, но јас се чувствувам поинаку како личност. Тоа е нешто што никогаш порано не сум го доживеал. Совршено сум среќен. Ќе се вратам во Формула 1 ако е тоа она што ме прави најсреќен. Тоа е сè за што размислувам во моментов – заврши Мексиканецот.