Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информираше за весникот ВЕЧЕР дека проектот опфаќа изградба на голема сала со гледалиште, фоаје наменето за жителите и канцелариски и магацински простор. – Средствата се обезбедени од Владата, како дел од проектот за финансиска поддршка на општините за реализација на капитални проекти – нагласи Стефковски, наведувајќи дека очекува објектот да биде комплетно реконструиран за 15 месеци.
Домот на културата „11 Октомври“ или, како што го нарекуваат жителите на населбата, „домчето“ е лоцирано во паркот во населбата Ченто и веќе три децении е оставено на забот на времето и е прибежиште на бездомници, но и на наркомани. Жителите повеќе пати реагираа со право, исплашени за своите деца, и бараа да се возобнови објектот, бидејќи ваков каков што е претставува опасност. Освен најави и ветувања, досега ништо конкретно не е направено за запуштениот објект
На неколку месеци до завршувањето на својот мандат, градоначалникот на Општина Гази Баба најави на „Фејсбук“ дека за неколку дена ќе почне реконструкцијата на Домот на културата во населбата Ченто.
– Со задоволство сакам да најавам дека за неколку дена ќе почне целосната реконструкција на Домот на културата во Ченто. По неколку децении, жителите на Ченто и граѓаните на Општина Гази Баба ќе добијат место што ќе претставува центар на културата во нашата општина – напиша Стефковски.
Градоначалникот изјави за весникот ВЕЧЕР дека ова е еден од проектите што се од големо значење за Општина Гази Баба.
– Особено сум среќен што сите мои претходници ја имаа реконструкцијата на Културниот дом во своите програми, но ниту еден не успеа да го реализира тоа – нагласи Стефковски.
Тој информираше дека проектот опфаќа изградба на голема сала со гледалиште, фоаје наменето за жителите и канцелариски и магацински простор.
– Средствата се обезбедени од Владата, како дел од проектот за финансиска поддршка на општините за реализација на капитални проекти – нагласи Стефковски, кој очекува да се реконструира објектот за 15 месеци.
Домот на културата „11 Октомври“ или, како што го нарекуваат жителите на населбата, „домчето“ е лоцирано во паркот во населбата Ченто и веќе три децении е оставено на забот на времето и е прибежиште на бездомници, но и на наркомани. Жителите повеќе пати реагираа со право, исплашени за своите деца, и бараа објектот да се возобнови, бидејќи ваков каков што е претставува опасност. Летото 2022 година, седумгодишно дете, играјќи си со свој врсник во близина на руинираниот објект, падна и се набоде на користена игла на шприц од зависник од дрога. По немилиот настан, граѓаните побараа од градоначалникот Стефковски итно да најде решение за долгогодишниот проблем и да го исполни своето ветување за реконструкција на објектот. Стефковски посочи дека се изготвува проект, иако неговиот претходник, Борис Георгиевски, на крајот од својот мандат тврдеше дека е изготвен основен проект за Домот, кој предвидува повторно активирање на салата и враќање на библиотеката во објектот и дека се предвидени и простории за младите.
Освен најави и ветувања, досега ништо конкретно не е направено за запуштениот објект. Граѓаните се надеваат дека претстојните локални избори, веројатно, ќе бидат добар поттик за актуелниот градоначалник да се зафати со обнова на објектот, кој е многу значаен за жителите.
Овој објект на времето им бил омилен културен центар на граѓаните од овој дел на градот. Во него, кој е со површина од 2.800 квадратни метри, имало голема бина, сала со повеќе од 300 седишта, кино.
– Од сето тоа не остана ништо. Се сеќавам кога бев во основно училиште, приредбите за патронатот ги одржувавме во домчето. Тоа воедно беше и кино и се прикажуваа многу филмови. Тука беше и библиотеката, од каде што ги земавме лектирите потребни за наставата – се сеќава жителка на Ченто на убавите времиња, кога функционираше овој објект со полн капацитет.
Сега тој е комплетно руиниран, ги нема ниту бината ниту столчињата.
За реконструкција и за повторно заживување на Домот на културата во Ченто, се ангажираа и граѓански здруженија, кои со разни манифестации во изминативе години се обидуваа да го свртат вниманието на надлежните кон ужасната состојба во која се наоѓа тој.
Здружението „Културно ехо“, пред неколку години, во паркот во населбата организираше еднодневен културно-едукативен настан со цел да поведе иницијатива за обнова на напуштениот Дом на културата, преку вклучување на локалната власт, граѓанските организации, уметниците и на локалните жители. Една година подоцна, младиот уметник Владимир Милиќ изработи мурал на фасадата од Домот.
(А.П.)