Концерт на „Трето колено“ во „Јавна соба“  

23

Сосема нова авторска музика создадена од тројца уметници, кои се препознале како креативни „сродни души“, ќе биде првпат изведена на концертот на групата „Трето колено“, кој ќе се одржи во „Јавна соба“ (Public Room), на 3 април со почеток во 21:00 часот.

Кога се чини дека се исцрпени жанровите во музиката, стигнува свежина од подножјето на Пелистер и нуди сосема поинаков инструментално-вокален калеидоскоп од фузијата на будните соништа на искусните Дејан Петровиќ-Чапе – вокал и гитара, Дејан Марковски-Деки – вокал и гитара и Пеце Трајковски-Брада – перкусии и хармоника.

– Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, тројца сродни набљудувачи на животот ги сплетоа своите огледани искуства во совршениот круг на сонот, каде што се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак – се вели во соопштението за концертот на „Трето колено“.

На концертот ќе бидат изведени 20 композиции, а публиката ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија, да ги чита стиховите од бината и заедно со бендот да се нурне во оваа нова музичка приказна.

ИЗДВОЕНИ