Mакедонскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово, кој долги години со гордост ја носи титулата „Амбасадор на македонското хорско пеење“, ќе одржи концерт на 11 април во 19 часот во македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Хорот „Менада“, предводен од маестро Ивица Зориќ, ќе се претстави со 50-минутна музичка програма, која во најголем дел ќе содржи духовна музика, а ќе бидат исполнети и неколку македонски евергрин композиции.

Истата вечер, ќе биде отворена и групната изложба со наслов „Два конца парај“, на која со свои дела ќе бидат претставени 24 уметници, кои се своевиден мост на поврзување и пријателство помеѓу македонската и српската ликовна уметност и култура. КИЦ Белград во соработка со Друштвото на ликовни уметници „Македонци во Србија“, Галеријата „M“ и „Нушиќ Фондацијата“, избраа 50 дела од сите генерации уметници, кои во најголем дел од својот животен век твореле во Белград и во Србија.

„Ова се првите настани што се организираат во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, кој е сместен на улица „Македонска 30“, а официјалното отворање се планира за во мај“, вели Васко Шутаров, директор на КИЦ Белград.

Инаку, хорот „Менада“ во своето 44-годишно постоење има исполнувано преку 500 ренесансни, класични и современи дела, како и дела од македонската народна музика, духовни песни и евергрин композиции. Маестро Ивица Зориќ има организирано преку 1000 концерти на класична музика, а за својата долгогодишна успешна работа, наградуван е со врвни државни награди.

 

 

ИЗДВОЕНИ