Оркестарот на Македонската филхармонија, в четврток (6 февруари), со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Магична виолина“ на кој како солист ќе настапи врвниот белгиски виолинист Марк Бучков. Диригент е маестро Сашо Татарчевски, а на програмата се: увертира „Оберон“ од К.М. Вебер, Концерт за виолина и оркестар бр. 3 во Ге-дур од В.А.Моцарт и Симфонија бр. 5 „Реформациска“ во Де-дур/де-мол, оп.107 од Ф.Менделсон.

Белгискиот виолинист со руско-украинско потекло, Марк Бучков, критиката го опишува како софистициран музичар со беспрекорна самоувереност, но и како еден од најмултифункционалните и уникатни уметници на новата генерација. Неговата меѓународна кариера е богата и зад себе има настапи со водечки оркестри и диригенти ширум Европа. Неговите оркестарски настапи вклучуваат соработки со Кралскиот Концертгебау оркестар и Марис Јансонс, Минхенскиот филхармониски оркестар, Симфонискиот оркестар во Хамбург, Тонхале оркестарот во Цирих, Националниот оркестар на Белгија, Националниот симфониски оркестар во Торино, Симфонискиот оркестар на Маринскиот театар, Московскиот филхармониски оркестар, Оркестарот „Џузепе Верди“ во Милано…

Марк Бучков моментно е професор на Кралскиот конзерваториум во Лиеж (Белгија) и на Меѓународната музичка академија во Лихтенштајн. Свири на виолината од Карло и Микеланџело Бергонзи од 1742/44 година, којашто му е приватно позајмена од „Edwulstrad RMIC Ltd“.

 

ИЗДВОЕНИ