Комуналните услуги се придонес за Кавадарци да стане модерно, европско место за живеење!

16

– Инвестициите што ги прави Општина Кавадарци за нови водоводни и канализациони системи во сите села и викенд-населби, веќе даваат повратен ефект. Десетици викендички и куќи секојдневно се градат низ руралните села и со тоа повторно заживуваат оние опустошени села што беа напуштени пред неколку децении. Овозможувањето на целосна комунална и патна инфраструктура до секое населено место и редовно добивање на услугите од страна на ЈП „Комуналец“ придонесе општина Кавадарци да заличи на модерно и европско место за живеење, вели меѓу другото во интервју за весникот ВЕЧЕР, Гоце Ангеловски, директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци

 

Дали еден град ќе биде чист, дали граѓаните ќе имаат редовно водоснабдување, исправна атмосферска и канализациона мрежа, одржувани паркови и зеленило, зависи од комуналното претпријатие, од неговата организација како да се справи со овие предизвици. Во интервју за весникот ВЕЧЕР, директорот на кавадаречкото јавно претпријатие, „Комуналец“, Гоце Ангеловски, кажува како тој менаџира со ресурсите со кои располага за да можат граѓаните на општина Кавадарци да добијат правовремени комунални услуги.

Кавадарци е една од општините во земјава каде што се спроведува проектот „Дигитална трансформација на јавните водни услуги во Македонија“. Што опфаќа овој проект и како ИТ-технологијата помага во секојдневното работење на Јавното претпријатие „Комуналец“ Кавадарци?

Дигитализацијата на водните услуги е исклучително важен проект каде штоние како комунално претпријатие во овој момент го имплементираме на територијата на Општина Кавадарци и не планираме тука да застанеме. Во наредниот период ќе продолжиме со нови инвестиции во ИТ-технологијата со сопствени средства, но и со средства од домашни и меѓународни фондови. Морам да признам дека дигитализацијата е скапа технологија. Во овој момент работиме на еден проект, а тоа е поставување на „смарт“ водомери во соработка со ГИЗ Германски институт за техничка соработка и Македонски телеком од каде што имаме донација од 400 водомери. Исто така, имаме одобрено и проект од Министерството за животна средина и просторно планирање од каде што очекуваме да добиеме околу 2.000 водомери со далечинско отчитување.

Како јавно претпријатие можеби сме и во предност во овој процес на дигитализација во однос на другите претпријатија, затоа што пред десетина години имаме поставено „скада“ систем на водоводната мрежа низ градот со што се врши зонирање и изедначување на притисоците во сите делови од градот. Ова со водомерите е нова фаза каде што сме исклучително заинтересирани да се спроведе до крај, меѓутоа за целосно спроведување потребна е и интервенција од државата, како финансиски, така и законски.

Што може да помогне државата, во овој случај, за развојот на дигитализацијата?

Прво сметам дека е потребно Собранието да го измени Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, каде е регулирано водомерите да се во сопственост на корисникот на услугата, односно на граѓаните, а потребно е да бидат и во сопственост на давателот на услугата, во случајот комуналните и водоводни претпријатија.

Со самото тоа, ќе ги растовариме граѓаните од трошок за купување на водомери, а ние како инвеститори во тие водомери ќе направиме динамички план за нивна целосна замена. Со тоа, ние како јавни претпријатија ќе добиеме навремено и точно отчитување, како и евидентирање на евентуални загуби на вода, а граѓаните не само што ќе заштедат финансиски средства за нови водомери, туку и со далечинско отчитување нема да бидат воопшто во контакт со инкасантите кои за да го отчитаат водомерот мора да влезат во нивниот имот.

Процесот на селекција на отпадот е скапа работа која бара финансиски средства. Што најмногу селектираат граѓаните на Кавадарци и каде се пласираат селектираните количества, имате ли некаков проблем?

Селекцијата на отпадот е навистина скапа работа, меѓутоа, доколку се стремиме кон Европската Унија мораме да ги следиме и да се приспособиме на европските текови. Во нашата општина немаме станица за селекција на отпадот. Тој се носи на депонија која е на 2 километра од градот и во моментов е во одлична состојба. Пред два месеца започнавме проект со Општина Кавадарци и приватна компанија која беше избрана на јавен повик каде што доделивме 120 канти на домаќинства и низ градот поставивме 25 боксови од 1 кубен метар за селекција на хартија. Јас сум навистина задоволен од начинот на кој граѓаните ја прифатија оваа првична иницијатива за селекција на хартија. Потоа, доколку имаме услови ќе одиме кон целосна селекција на отпадот, но тоа бара вложување на големи средства. Со изградбата на регионалните депонии ќе влеземе во посериозна фаза на вистински третман на отпадот, а дотогаш останува да се приспособуваме на условите што ги имаме.

За целосно исполнување на задачата за чиста животна околина, потребна е модерна механизација. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, ве пофали дека ЈП „Комуналец“ има солидна механизација и е едно од ретките претпријатија со позитивна сметка. На што се должи тоа?

Да, имаме солидна и модерна механизација. Според големината на градот што го опслужуваме, мислам дека услугите на граѓаните им ги даваме на највисоко ниво. Кавадарци е втора по територија општина во Република Македонија. Минатата година набавивме две електрични метларки, две автоѓубрарки, едно комбинирано и едно патничко возило. Оваа година сме во постапка на тендерирање за набавка на три метларки, една автоцистерна и едно комбинирано мултифункционално возило за мулчирање и зимско одржување. Мора да напомнам дека собираме смет и од места што се 30 километри оддалечени од градот – како што се селата во поткожувието, но и од сите викенд-населби на територијата на општина Кавадарци. За нас е најважно секој граѓанин да е задоволен од услугите што им ги даваме. Нашиот третман е ист, услугата е редовна и навремена и за оние кои живеат во центарот на градот, така и за оние кои живеат во поткожувието. Затоа ни е потребен добар возен парк, а нормално и задоволни работници кои секојдневно ги опслужуваат граѓаните.

Дали работниците во ЈП „Комуналец“ се задоволни од условите за работа?

Можеби за тоа најдобро е да ги прашате нив, Но, јас нема да бидам скромен и ќе речам дека со оглед на условите што ги имаат за работа, навремената исплата на плата, на К-15, исплата на бенефициран стаж на оние кои се изложени на ризици, исплата на ноќни часови и прекувремени часови, сметам дека можат да бидат задоволни. Секако дека секојдневно работам да им овозможам уште подобри услови, меѓутоа мислам дека и со овие услови тие имаат право да се задоволни. Ако „Комуналец“ пред неколку години беше неатрактивна фирма за работа, сега, по десетина луѓе секојдневно доаѓаат да бараат работа и тоа за позиција на општ работник, па до инженери и други кадри. Што се однесува до позитивниот биланс на работење, ние работиме со една идеја, а тоа е секој денар што го наплаќаме од граѓанинот да го инвестираме и да им го вратиме назад. Само така ќе имаме континуиран развој и на претпријатието, и на градот, воопшто. На крајот од годината добро е да завршиме со позитивна нула, а средствата што ги собираме од физичките и правните лица да им ги вратиме преку инвестиции. Сметам дека тоа е единствениот начин за успех на кое било јавно претпријатие.

Има ли градот Кавадарци доволно паркови и зелени површини и како ги одржувате?

Кавадарци, освен што сум сигурен дека е најчист град, мислам дека по територија имаме и најмногу зелени површини што секојдневно ги одржуваме. Ако пред 6-7 години на територијата на Кавадарци имаше 60.000 квадратни метри паркови и зелени површини, денес имаме околу 130.000 квадратни метри зелени површини што секојдневно ги одржуваме. Со оглед на пеколните горештини што ги имавме ова лето, во целост успеавме да го задржиме зеленилото и да подигнеме ново. Тоа го работиме по програма и во координација со општината. Градоначалникот и општинските служби посебно внимаваат во секој дел од градот да имаме убави и модерни паркови и граѓаните да уживаат во хортикултурното уредување. Токму поради ова и во соработка со Стручното средно Земјоделско шумарско училиште во Кавадарци направивме цвеќара за производство на цвеќиња и други дрвца и грмушки. Идејата што ја имаме за цветен град од оваа година почна да функционира и веќе од следната година ќе се видат бенефитите од оваа цвеќарница, која ќе биде од исклучително значење во подигањето и одржувањето на зелените површини во градот.

Еден од горливите проблеми на секој град во земјава е немањето на атмосферска и фекална канализација. Каква е состојбата на тоа поле во Кавадарци и колку се инвестира за подобрување на комуналната инфраструктура?

ЈП „Комуналец“ Кавадарци можеби е и единствено јавно претпријатие во Македонија кое самостојно врши реконструкции со свои работници, механизација и стручни лица. На терен секојдневно имаме по 6 скипови ровокопачи кои вршат реконструкции. Годишно по десетина километри правиме реконструкции и одвојување на фекална од атмосферска канализација. Водоводната инсталација речиси во 90 проценти е заменета со нова, направено е зонирање и изедначување на притисоците. Врвен приоритет ни е одвојување на фекалната од атмосферската канализација во градот. Со грантот од КфВ Банката, во висина од 2,5 милиони евра, успеавме на поголем дел од територијата на општина Кавадарци да ги реконструираме канализационите мрежи, да замениме дел од водоводните линии, како и целосно да ги асфалтираме улиците и да ги поплочиме тротоарите на местата што беа опфатени со овие градежни активности. И не само во градот, последниве години активно ги реконструираме и во селата што гравитираат во општина Кавадарци. Идејата на градоначалникот Митко Јанчев е покрај развојот на градот истовремено со силна реализација да се развиваат и руралните средини. Така што, инвестициите што ги прави Општина Кавадарци за нови водоводни и канализациони системи во сите села и викенд населби, веќе даваат повратен ефект. Десетици викендички и куќи секојдневно се градат низ руралните села и со тоа повторно заживуваат оние опустошени села што беа напуштени пред неколку децении. Овозможувањето на целосна комунална и патна инфраструктура до секое населено место и редовно добивање на услугите од страна на ЈП „Комуналец“ придонесе општина Кавадарци да заличи на модерно и европско место за живеење.

Дали имате идеа за изградба на пречистителна станица?

Идејата за изградба на пречистителна станица е подолго време присутна и на неа секојдневно се работи. Пречистителна станица е проект за кој размислуваме како да се реализира во блиска иднина затоа што е неопходен во заштита на животната средина. За да имате пречистителна станица потребен е добар колекторски систем. Кавадарци има добар колекторски систем што ги зафаќа сите фекалии и тој колектор завршува надвор од градот, поточно после село Марена. Наш приоритет во овој момент е да се одделат фекалните од атмосферските води во градот за капацитетот на идната пречистителна станица може да биде реален, а со тоа и нејзиното работење да е полесно и одржливо. На ова, како што напомнав, интензивно работевме и во изминатиот период. Пречистителна станица е многу голема инвестиција која не верувам дека која било општина или јавно претпријатие може сама да ја реализира. Меѓутоа, не само изградба на пречистителна станица, како проблем потоа се јавува и нејзината одржливост во периодот после изградбата. Познато е со какви проблеми се соочуваат општините и јавните претпријатија што имаат пречистителни станици. Повеќе од потребно е изградба на пречистителна станица со план за нејзина одржливост, но уште поважно е тоа да не биде на товар на граѓаните. Во наредниот период сериозно ќе почнеме разговори со надлежните институции на оваа тема и се надевам дека ќе најдеме соодветно решение.

(С.Бл.)