Владата подготвува системско решение кое ќе биде обелоденето наскоро и со кое јавните комунални претпријатија, болниците, училиштата… кои покажуваат енормно високи сметки за потрошена електрична енергија, ќе влезат во посебен пакет и ќе плаќаат „понормална“ цена на струјата. Ова го најави министерката за енергетика, Сања Божиновска, пред настанот за домашната берза на електрична енергија и истакна дека веќе се работи на формирање балансна група во која ќе биде групирана оваа категорија потрошувачи.
– Ние сме свесни за проблемот и затоа кон крајот на минатата година почнавме да ги гледаме болниците, училиштата, комуналните претпријатија, кои имаат енормни сметки за струја. Тоа се случува, можеби, од незнаење или од немање стручен кадар, на пример, ако не изберат снабдувач, одат во снабдување со краен случај. И сами не се запознаени со последиците од непостапувањето. Тоа е една работа, а друга е дека се оставени на ризик на берзата. Тие се непрофитни и ние сега правиме сериозна и темелна анализа да видиме колку енергија е тоа, колку мегават-часови се вкупно и ќе видиме да направиме пакет за нив – рече Божиновска.
Таа не беше сигурна дали на денешната владина седница ќе им биде дозволена некаква цена или ќе бидат поучени како да набавуваат струја по пониска цена.
– Сега е зима и најпрво треба да се погрижиме таа да заврши и сè да биде како што треба. Но, работиме на една балансна група во која ќе бидат сите овие претпријатија, ќе видиме какви се можностите и кои ќе бидат цените. Не можеме сега, утре или задутре да дадеме одговор, но на почетокот од вториот квартал ќе имаме повеќе сознанија и пресметки – нагласи Божиновска.
Таа нема сознанија дали е повикан некој на одговорност или е казнет зашто го надминува законскиот максимум три месеци да се снабдува со поскапа струја.
– Немам такви сознанија и не знам што се случува, но точно е дека има некои што злоупотребуваат со непостапување. Ќе прашам и ќе видам што се случува, ние не сме надлежни за тоа – рече Божиновска.
Таа истакна дека во државава нема криза во снабдувањето со гас. На прашањето дали има недоразбирања со министерот за транспорт околу МЕПСО, одговори дека со никого не е скарана.
– Со никого не сум скарана, сè е според европските легислативи и природно е МЕПСО да потпадне под Министерството за енергетика, тоа е согласно со европската регулатива и воопшто не е дискутабилно – децидна е Божиновска.
Зголемениот увоз на струја Божиновска го гледа во ненаправените ремонти во РЕК „Битола“, но истакна дека македонската берза на електрична енергија треба да биде репер за цените по кои ќе се набавува струјата, а нејзиното јакнење е од клучно значење за домашниот енергетски сектор.
На домашната берза, изминатите две години, се регистрирани 37 учесници, истргувани се повеќе од 1,3 терават-часови електрична енергија, а обезбедена е и релевантна цена за секој час од денот. Околу 20 отсто од конзумот на електрична енергија во земјава се тргува на берзата на МЕМО и според анализите, околу 63 проценти од продадената електрична енергија е произведена дома.
Управителот на националниот оператор на пазарот на електрична енергија (МЕМО), Зоран Ѓорѓиевски, укажа на важноста од примената на информациите за цената на струјата по постапката за јавна набавка од македонската берза. Домашната берза на електрична енергија, рече, е референтна за нашата држава и индексирањето на цените за набавка според ценовниот сигнал на МЕМО ќе овозможи транспарентност, флексибилност, намалување на ризикот, но и конкурентност на пазарот.
– Нашата берза речиси две години обезбедува сигурност и релевантни цени за секој час од денот. Ценовниот сигнал од пазарот „ден однапред“ што го управува МЕМО е клучен индикатор за ефикасно функционирање на електроенергетскиот сектор. Овој сигнал не само што ги одразува реалните услови на понудата и побарувачката за струја туку игра и суштинска улога во донесувањето одлуки од страна на сите учесници на пазарот, вклучувајќи ги и компаниите потрошувачи на електрична енергија – подвлече Ѓорѓиевски.
Тој потврди дека ЕСМ учествува на берзата со продажба на струја.
Директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева-Мицовска, укажа на неопходноста од подготвување добри тендерски документации со цел понудувачите навремено и квалитетно да ги изготват своите понуди, како и на потребата од намалување на анекс договорите. Се осврна и на ненавременото почнување на постапките.
– Со унифицираната тендерска документација, ќе се намалат грешките и неусогласеностите во спроведувањето на постапките за јавни набавки на електрична енергија, односно ќе се зголеми нивната ефикасност, што значи и поголема заштеда на јавните средства. Тоа, пак, е во насока на обезбедување континуитет при користењето на електричната енергија – оцени Богева-Мицовска.
Во врска со законските измени што треба да почнат со примена на 1 април, таа не се согласува дека се оди чекор наназад во однос на следењето на јавните набавки и транспарентноста на склучените договори и трошењето на народните пари, како што реагираа невладини организации.
– Бирото за јавни набавки останува транспарентно и отворено за какви било податоци и консултации со јавноста. Апсолутно не се согласувам дека одиме чекор наназад. Напротив, практиката од досегашната примена на тоа што функционираше системски, покажа значителни слабости. Треба да му дадеме простор и време на новото законско решение, да видиме кои придобивки ќе ги даде – рече директорката.
(С.Бл.)