Комунален инспектор во општина Кисела Вода поднесе прекршочна пријава во износ од 1.500 евра против ЈП Комунална хигиена – Скопје, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани дека нередовно се собира сметот.

– Постапувајќи по реакција на граѓани, комуналниот инспектор на Општина Кисела Вода изврши увид на целата територија на општината при што е констатирано дека давателот на услуги кој врши собирање комунален смет и безопасен отпад, спротивно на член 13 од Законот за комунални дејности, не го врши редовно собирањето на територија на Општина Кисела Вода за што е предвидена глоба согласно член 41 од Законот за комунални дејности. Од страна на комуналниот инспектор ќе биде издаден прекршочен платен налог во висина од 1.500 евра во денарска противвредност согласно член 41, став 1, алинеја 1, за правно лице од Законот за комунални дејности – се наведува во записникот од извршениот инспекциски надзор во Кисела Вода, кој го објави градоначалникот на Општината, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вели дека поднесената прекршочна пријава е резултат на несовесното работење на ЈП Комунална хигиена и градоначалничката на Скопје кои се грижат за хигиената во главниот град.

– Досега неколкупати алармирав до градските институции, со дописи, телефонски, но очигледно нашите реакции како општина и оние на граѓаните на Кисела Вода не успеаја со проактивност од страна на Комунална хигиена, кое сите граѓани на Скопје го плаќаме. Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови испративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен. Увидовме дека ситуацијата е катастрофалната и поради тоа понесовме прекршочна пријава до Комунална хигиена и ова ќе биде наша пракса и следните денови ако состојбата на се подобри – информира Ѓорѓиевски и предупреди дека секое наредно непостапување ќе значи нова прекршочна пријава.

И градоначалникот на општи Бутел, Дарко Костовски, вчера алармираше дека повеќе од десет дена нередовно се собира сметот во оваа општина и при тоа објави застрашувачки фотографии на преполни контејнери.

Тој апелираше претпријатието да си ја заврши работата за која е платено пред да биде доцна, а од Комунална хигиена подоцна ги демантираа наводите на Костовски, посочувајќи дека отпадот на територија на Општина Бутел се собира без никаков застој. Оттаму напомнаа оти претпријатието не прави селекција според политичката определба на граѓаните, туку дека навремено го собира сметот од сите скопски општини.

Од ЈП Комунална хигиена остро реагираа дека е поднесена прекршочна пријава против претпријатието.

– Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината реагирале, опоменале или казниле некој од овие прекршители. Ве молиме да престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате претпријатието – се наведува во реакцијата од КХС.

Оттаму нагласуваат дека комуналниот отпад во општината Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно – без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје.

–  Во текот на јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 400 тони комунален отпад. Исто така, во општината Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни. Во текот на минатиот месец беа подигнати и вкупно 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на улиците „Христо Татарчев“, „Боте Боцески“, „Дичо Петров“, „Ѓорѓи Димитров“ и добро познатата локација кај „Томи маркет“ што претставува „црна точка“, каде што се интервенира најмалку еднаш неделно за отстранување непрописно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини – потенцираат од КХС.

Упатуваат совет до Ѓорѓиевски да направи инспекциски надзор, но не врз работата на ЈП Комунална хигиена-Скопје, чиишто активности на терен, како што посочуваат „се одвиваат седум дена во неделата во три смени, туку врз несовесните поединци што во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје.

(С.Бл.)