Во 2027 година, Белград ќе добие нов хотел, луксузниот Риц-Карлтон. Договорот за градба го потпишаа претставници на компаниите „Мериот интернационал“ и „Денјуб Риверсајд“. Инвестицијата е вредна близу половина милијарда евра.
На местото на денешниот хотел Југославија ќе се гради хотел Риц-Карлтон со 190 соби, две кули, деловна зграда од 34 ката, станбена зграда од 42 ката и пристаниште на Дунав.
„Преку доаѓањето на брендот Риц-Карлтон, Белград се позиционира како глобално призната дестинација за луксузен туризам, од која корист ќе има не само туристичката индустрија, туку и економијата, културата и инфраструктурата на нашиот град“, вели Иван Бошњак од компанија „Денјуб риверсајд“.
„Мериот група“ има 550 хотели низ светот, а за три години на таа листа ќе се најде и белградскиот хотел.
„Ние не сме компанија која продава само соби и храна, продаваме уникатно искуство и затоа нашите гости постојано се враќаат. Драго ни е што дојдовме во Белград, бидејќи Србија и нејзиниот главен град брзо се развиваат, а ние не се сомневаме дека нашиот хотел ќе биде еден од најуспешните во Белград“, нагласува Сандип Валија од „Мериот Интернешнл“.
Министерот за финансии на Србија изјави дека „Мериот“ донел добра одлука да изгради хотел во Србија, земја која има инвестициски кредитен рејтинг, растечка економија и макроекономска стабилност.
„Дојдовте во земја со рекордно ниска невработеност, во земја која држи рекорд по директни странски инвестиции, бидејќи дури 63,64 отсто од сите директни странски инвестиции во Западен Балкан доаѓаат во Србија“, рече министерот Синиша Мали. Последниве години гостите на Белград се почесто избираат да престојуваат во хотели од висока категорија, па затоа е добредојдена изградбата на уште еден хотел со пет ѕвезди.