Владата е во завршни преговори со компанија од многу моќна земја членка на Европската Унија, која сака да инвестира 350 до 360 милиони евра во изградба на фабрика за производство на батерии.
– Во завршни преговори сме со една компанија која доаѓа од земја членка на Европската Унија и со која преговараме за инвестиција меѓу 350-360 милиони евра во делот на напредната технологија, односно во делот на производство на батерии, нешто што навистина претставува иднина не само во Европа туку и насекаде во светот. Потоа имаме и инвестиција на постоен, многу квалитетен инвеститор со огромно учество во извозот, кој во јануари треба да се произнесе дали ќе ја прошири својата инвестиција тука, и тоа ќе значи многу за македонската економија. Ние сме во последниот круг, во најтесниот круг како држава, заедно со сојузната држава Пенсилванија во САД – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој најавува дека 2025 година ќе биде исклучително квалитетна во делот на привлекувањето странски инвестиции. За тоа дали ќе се менува моделот на странски инвестиции, вели дека се менува во делот на законските одредби, стимулацијата, односно поддршката на странските инвестиции, но напоменува дека нема да биде тоа драматично различно од она што било досега, туку едноставно се прави обид за диверзификација на инвестициското портфолио во гранки што имаат висока додадена вредност.
– Она што треба да биде предизвик за нас е каде ја гледаме ние македонската економија во овој сегмент за 10, 15, 20 години од денес. Ваквиот начин на привлекување странски инвестиции, кој започна пред можеби 20-ина години, сега веќе ги исцрпува своите можности, го достигнува својот врв и сега треба да видиме како би го диверзифицирале целосното портфолио во иднина и каде ја гледаме во иднина македонската економија во делот на странските директни инвестиции – нагласи Мицкоски.