Општина Центар, преку новата интернет-алатката „Бизнис- информатор“, нуди информации и услуги за сите компании, инвеститори, претприемачи и граѓани што сакаат да се поврзат со услугите и со ресурсите што ги нуди таа.
Овој информатор овозможува директен пристап до административните процедури, електронските услуги, стратешките документи и линковите до барањата што им се неопходни на бизнисите за нивни раст и развој.
– „Бизнис-информаторот“е креиран со цел да обезбеди лесна и брза комуникација со деловната заедница, транспарентен пристап до услугите и до документацијата на Општината, како и административна поддршка на сите заинтересирани инвеститори – посочува градоначалникот Герасимовски.
За пристап до информаторот не е потребна најава, а услугите се отворени за сите заинтересирани. Корисниците, преку оваа алатка, имаат директен линк до електронските дозволи, урбанистичките планови, инфраструктурните податоци, огласите, формуларите, буџетските програми и јавните набавки.
Дополнително, преку информаторот, е овозможено поднесување иницијативи и пријави, како и пристап до стратешките документи на Општината, кои ги поставуваат насоките за економски развој и за деловни можности.