Управата за јавни приходи ја објави листата со должници за долгови достасани до 30 септември 2024 година, а неплатени до 31 декември 2024 година, по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжителното социјално осигурување, акцизи и царини.
На листата со должници, која е јавно достапна на веб- страницата на УЈП, има 1.962 правни лица, што е помалку за седум должници од претходната листа и 3.915 физички лица, односно повеќе за 69 од претходната листа.
Вкупно објавениот нето-долг изнесува 11.509.677.366 денари (187 милиони евра), односно за 309.353.404 денари повеќе од претходната листа. Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 11.332.488.139 денари, поточно за 268.957.462 повеќе од претходната листа, додека долгот за царински давачки е 177.189.227 денари или за 40,395,942 повеќе од претходната листа.