Ако во добропознатите лиги пиротехниката е застапена речиси на секој натпревар, таква сцена викендов можеше да се види и во Македонија, што беше празник за очи за секој љубител на фудбалот, без разлика дали навива за едниот или, пак, другиот клуб.

ФОТО: Петр Стојановски

Имено, во Битола бевме сведоци на едно од најубавите кореографски шоуа кое го приредија „Чкембари“ и „Комити“, за време на дуелот меѓу Пелистер и Вардар во рамки на 13. коло од домашното првенство, а посебен шмек на ова македонско фудбалско дерби беше пиротехниката која не изостана од трибините. Вреди да се напомни дека на овој дуел Вардар беше поддржан од своите „Комити“ кои дојдоа во значителна бројка на гостувањето во Битола (700 навивачи).

Сето ова беше зачинето и со пуштање новата трибина на стадионот „Петар Милошевски“, која е со капацитет од нешто помалку од 5.000 седишта, а ретко кога, овој дуел се одигра под рефлектори, што му даде дополнителен шмек на едно вистинско дерби.

Исто така, покрај преполните трибини под „Тумбе Кафе“, овој натпревар беше емитуван и на јутјуб-каналот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), каде што го следеа рекордни 50.000 гледачи.

На крајот, радоста им припадна на домаќините, кои во судиското продолжение со голот на Мирко Ивановски (92. минута) дојдоа до нова, трета, победа во Првата лига со која се искачија на седмата позиција на табелата. За разлика од битолчани, Вардар е зацементиран на дното од табелата со само осум бода.

ИЗДВОЕНИ