Собраниската Комисија за култура и туризам на денешната седница ја разгледа Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година и едногласно одлучи дека е прифатлива и треба да се даде на понатамошно читање.

Предлог програмата е составена од 101 јубилејна годишнина на значајни настани и истакнати личности кои, како што посочи претседателката на Комисијата за култура Саранда Имери-Стафаи, ги одразуваат мултиетничкиот карактер на државата, кои со своето дело ги афирмирале начелата на хуманизмот и цивилизациските вредности.

– Врз основа на член 5 од Одлуката за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во државата, Собранието донесува годишна програма за одбележување годишнини, на предлог на Комисијата за култура и туризам. При подготовка на предлог програмата, Комисијата за култура и туризам испрати писмено барање до институциите од областа на културата, до националните институции, до сите државни универзитети, национални установи, центри за култура, заводи за заштита и музеи, библиотеки и останати здруженија, сојузи и невладини организации во државата, кои се занимаваат со дејност од областа на културата, информираше Имери-Стафаи.

Биле испратени дописи до сите 80 општини во државата, вклучувајќи го и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. На дописот одговориле 47 институции кои доставиле над 200 предлози за одбележување јубилејни годишнини, а шест институции информирале дека за 2025 година немаат предлози.

– Формирана беше работна група за подготовка на Предлог програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности, составена од седум пратеници од редовите на Комисијата за култура и туризам. Работната група ги разгледа сите добиени предлози од аспект на тоа дали ги исполнуваат пропишаните критериуми, содржани во член 2 и член 3 од одлуката, водејќи се од пропишаните критериуми. Работната група ја состави Предлог програмата, која ја имаме денес како точка на дневен ред, додаде Имери-Стафаи.

Според пратеничката Велика Серафимовска, која е дел од работната група за изготвување на Предлог програмата, изготвиле квалитетни предлози за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година.

– Она што мене ме радува е дека после осум години се уште ни одговараат институциите. Тие ни доставија одредени предлози и верувам дека доколку успеат да се усвојат, ќе направиме голем подвиг и ќе ја вратиме традицијата за одбележување на значајни датуми, кои ја градат и државната меморија. Во самата програма посветивме внимание да бидат задоволени и застапени сите критериуми, меѓутоа да бидат застапени интересите на сите граѓани кои живеат во државата. Имаменастани кои се однесуваат на одредени етнички заедници, бидејќи за нив тоа е исклучително важно. Програмата е навистина исфилтрирана и соодветна. Се надевам ќе ја поддржите, рече Серафимовска.

ИЗДВОЕНИ