На италијанскиот остров Сардинија се произведува касу марзу, сирење полно со црви, кое во 2009 година беше прогласено за најопасно сирење во светот.
Сирните мушички, Piophila casei, полагаат јајца во пукнатини кои се формираат во сирењето, а црвите потоа се изведуваат и го претвораат производот во меко, кремасто сирење.
Касу марзу има интензивен вкус. Некои велат дека тоа е афродизијак. Други велат дека тоа би можело да биде опасно за здравјето на луѓето бидејќи црвите би можеле да бидат одговорни за мијаза, микроперфорации во цревата, но досега такви случаи не се поврзани со ова сирење, наведува Си-Ен-Ен.
Сирењето е забрането за комерцијална продажба, но локалното население на островот го јадело со векови.
Само за избраните
„Наездата од црви е шармот и задоволството на ова сирење“, вели Паоло Солинас, гастроном од Сардинија. Некои луѓе се згрозуваат од самото спомнување на ова сирење, додека други уживаат во него.
„Некои овчари веруваат дека ова сирење дава единствена лична сатисфакција, нешто што само неколкумина можат да го вкусат“, истакнува Солинас.
Десет други италијански региони имаат своја варијација на сирење полнети со црви, но иако таквите производи се сметаат за уникатни на друго место, касу марзу е суштински дел од културата на храна на Сардинија.
Сирењето има неколку различни имиња, како што се casu becciu, casu fattittu, hasu muhidu, formaggio marcio. Секој подрегион на островот има свој начин на производство со користење на различни видови млеко.
Високи казни
Касу Марзу обично се произведува на крајот на јуни кога локалното овчо млеко почнува да се менува бидејќи животните влегуваат во сезоната на парење и тревата се суши од летните горештини.
Касу марзу е регистриран како традиционален производ на Сардинија и затоа е локално заштитен. Сепак, италијанската влада го смета ова за нелегално од 1962 година поради законите кои забрануваат конзумирање на храна загадена со паразити.
Оние кои продаваат сирење може да се соочат со огромни казни, до неколку илјади евра, но островјаните само се смеат кога ги прашале за забраната за нивното омилено сирење.