Убиен човек пред „Мавровка“ сред бел ден, при приведувањето еден од напаѓачите пукал во полицијата, известуваа средствата за јавно информирање. На бул. „Александар Македонски“ од патничко моторно возило во движење е пукано во друго возило. Полицаец при сообраќајна контрола обљубил девојка влегувајќи ѝ во кола. Во Основниот граѓански суд нападнат судски полицаец. Ова е само дел од црната хроника за Скопје за настани кои се случиле последните 48 часа.

 

Безаконие, нефункционалност на правниот систем, крајна исполитизираност на системот, партизираност на институциите, неказнивост, поделеност на општеството по национална но и на партиска основа речиси до омраза, неодговорност и неотчетност на власта, некадарноста на функционерите кои се партиски миленици, а не експерти во областа, партиската припадност пред квалитетот и знаењето, корупција од невидени размери во сите сегменти на општеството, сиромаштија и бесперпективност се само еден дел од причините за ваквите случувања во нашата земја.

Во таквиот хаос, во кој само поединци од власта и партиски фунционери имаат корист, народот е доведен не само до раб на егзистенција туку и до раб на нормално цивилизирано општествено живеење. Ветувањата без реализација од политичките партии и нивните политиканти гласноговорници, празни зборови без дела и статус-кво позиција на општеството повеќе од три децении, каде што секоја наредна година е полоша и похаотична за живеење, неминовно кај народот во целост ја уби довербата и кон државата и кон нејзините институции, кон сите три столба на власта, особено кон судската власт и правосудството, го уби патриотизмот и поносот на луѓето, ги замолкна интелектуалците, ги осоколи барабите и битангите, политикантите ги направи семоќни и недопирливи, а младината ни ја исели.

Не е најлошо кога народот се буни и кога критикува, најлошо е кога народот ќе замолчи, а нашиот народ е веќе долго време замолкнат, дезориентиран и депресивен. Според Светската здравствена организација и УНИЦЕФ бројките во Македонија на адолесцентите со знаци на анксиозност и депресивност се загрижувачки, кај речиси една третина од адолесцентите се јавува некаков тип на анксиозност и депресивност, односно кај една третина од испитаничките се добиени податоци за постоење на анксиозност и депресивност во текот на бременоста.

Хрватскиот весник „Слободна Далмација“ во својот напис, од 20 август 2024 година, пишува за депресивна состојба на општествата во земјите кои страдаат од ендемична корупција, сиромаштија, немање на перспектива и одлив на мозоци меѓу кои ја вбројува и Македонија. Понатаму во својот напис дава список на најдепресивни градови, а причините, како наведува, варираат од невработеност, менталното здравје, загадување на животната средина, економската нестабилност… На тој список нашиот главен град Скопје е втор најдепресивен град на Балканот веднаш по Сараево.
Надежта умира последна е стара изрека која многу често ја слушаме, но што – кога и таа ќе умре. Тогаш на нејзино место доаѓаат безнадежноста и очајот, доколу тие траат подолго време доаѓа до егзистенцијален слом и резигнација, а сето тоа води во депресија, до откажување од животот.

Како тргнало и како се однесува власта најверојатно за некоја година ќе нема ниту со кого да владее ниту кој да ја избира, дел ќе се иселат, а другиот дел ќе падне во депресија, па ќе можат да се возат со службени возила и на свадби и на крштевки, да пукаат по свадби, да крадат колку сакаат, да не печатат учебници, да не ги појаснуваат и дообјаснуваат своите изјави, не мора ништо да ветуваат уште помалку да исполнуваат, да објаснуваат, да лажат, да спинуваат едноставно да си постојат и да влезат во рубриката на Рипли, „Верувале или не“, како власт без народ и држава.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)