Сум се родил и сум пораснал во едно друго општество кое некои го нарекуваат едноумие, но кое неспорно негувало други вредности од ова време во кое живееме, време на безумие. Нема да навлегувам во опишувањето на тоа време, ниту на неговите вредности, ќе се задржам само на еден дел, една вредност, која, како и многуте други од тоа време, полека изумира и исчезнува.
Сè поретко можеш да сретнеш и да чуеш во нашето општество човек кој е вистински патриот, кој вистински ја сака својата земја. Не мислам тука на оние што пеат патриотски песни и веат знаме на Вергина, ниту на оние што од партиските говорници се удираат в гради и се колнат дека ќе бидат на браникот на државата, а при првиот знак на некаква тензија и опасност, се во Солун, Софија или во Белград. Не мислам тука ни на оние што мудруваат од своите фотелји за патриотизмот, а крадат од државните јасли, од кои се хранат со години. Не мислам тука ни на оние што ја нудат Македонија како предизборно ветување и ја сакаат до затворањето на гласачките кутии, а потоа безмилосно ја продаваат, понижуваат и ја разградуваат. Сите тие политиканти и фолиранти ја сакаат својата земја сè додека имаат што да ќарат и „ушиќарат“, сè додека може да им даде таа нешто или може да се украде.
Патриотизмот е, во последниве години, многу често употребуван и злоупотребуван збор во нашето општество, збор што го загубил своето вистинско значење, збор што, главно, служи за затскривање на партиските и на личните интереси и на богатењето. Патриотизмот стана паричка за „поткусурување“, стана средство за добивање гласови, лага напишана на предизборните пароли и билборди, празен збор на ситните мали и проклети души, збор што им овозможува привилегии и богатење.
Многу луѓе и не знаат што е патриотизам или родољубие, честопати мешајќи го со национализмот.
Патриотизмот или родољубие (од латинскиот збор patria – татковина, роден крај) е љубов кон татковината и нејзините карактеристики како народ, јазик, култура, политика, историја, спорт, љубов, што подразбира отворен, толерантен и рамноправен однос кон другите „завичаи“ и нивните карактеристики, без каква било исклучивост. Патриотизмот е постојано и упорно работење на афирмација на оние карактеристики на татковината што нè определуваат како народ и нè прават она што сме и кои сме. Родољубието е и емотивна врска и поврзаност со родниот крај, која се изразува како чувство на припадност и гордост со своите особености и карактеристики како народ, гордост со достигнувањата, обичаите и со културата на својот народ.
Родољубивоста е и морален стандард, морална вредност што претпочита поединецот да ги стави интересите на нацијата пред личните интереси или интересите на одредена група или партија.
За жал, кај нас е токму спротивното. Ниту еден поединец што има не само морална туку и законска обврска да ги стави интересите на нацијата пред личните или партиските, не го прави тоа. Сме се изнагледале еден куп политиканти, премиери, министри, претседатели, директори и директорчиња како ги ставаат личните и партиските интереси пред сè друго и како полека ја приватизираат државата, како ја присвојуваат, ја разграбуваат и ја разнебитуваат.
Ништо не е подобра ситуацијата ни меѓу народот, кој и ги донел оние првите на власт.
За да останат на власт, сите партии и сите политиканти систематски и константно го убиваа родољубието кај луѓето, почнувајќи со моралните норми, па сè до образованието и негувањето на културата, обичаите и идентитетот, затоа што освестен народ е опасен за политикантите и за недоветните какви што парадираа последниве децении на нашата политичка сцена.
Ошумоглавен и со заматена свест, народот повеќе ниту се препознава ниту има патриотски чувства, дури се чувствува засрамен од сето она што се случува последниве децении и што се прави со државата, едноставно му се убива секое вистинско патриотско чувство, освен она за партиските потреби, но, како и со секое друго чувство, не може истото да биде на копче, па да се исклучува или да се вклучува по потреба на политикантите.
Ситуацијата со младите е уште полоша. Полуобразован, без традиции, корени и обичаи, со катастрофално непознавање на својата национална историја, задоен со квазиевропски вредности и будалаштини, со живот збиен во мобилниот телефон и социјалните мрежи, најголемиот дел од младината нема никакво патриотско чувство.
Промените за подобро општество, за нормална држава, за кои постојано се зборува последниве децении, се едноставно невозможни ако ние самите, како народ, не ја сакаме својата татковина, ако не се гордееме со неа и ако самите не се прашаме што може да направи секој од нас за неа. Сè дотогаш, политикантите ќе доаѓаат, ќе проаѓаат, ќе крадат и ќе разурнуваат, белосветските хохштаплери ќе ни солат памет, а ние ќе тонеме и тонеме…
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)