КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Ме изеде туѓиот срам

394

Неделно претпладне, посивело небото и стежнало како да ги отсликува душите и мислите на овој народ, кој се нарекува македонски, а кој секој сосед поинаку го крштава, прекрстува и нарекува. Мирно е и тивко во кафулето во „Ист гејт“, само понекоја маса е зафатена, сè уште е рано за заспаната младина, за безделниците и за мешетарите.

На масата до мене седи човек што зборува на телефон и ми кимнува со главата, поздравувајќи ме, на мое големо изненадување, бидејќи не го познавам и денес, во ерата на некултура, простотилак и „сељачизм“ е вистинска реткост да покаже некој таква култура и домашно воспитување. Отпоздравувам, сè уште изненаден, пријатно секако, со некоја радост во душата дека, сепак, сè уште постојат луѓе што имаат домашно воспитување.

Го пијам кафето читајќи на порталите за објавените случувања, од кои ми се лоши и повраќа, медиокритети ја водат и домашната и светската политика, коментираат за состојбите кои ги предизвикале тие и за кои се одговорни тие, солат памет за работи што ниту ги разбираат ниту имаат претстава, предлагаат политикански мерки и секогаш ја бараат одговорноста кај друг, не гледајќи се прво себеси како најодговорни за ова што ни се случува. Им се чудам на новинарите како може да повикуваат луѓе што се на црни листи, луѓе што учествувале во криминални зделки, а дел од нив и едвај зборуваат македонски, да коментираат и да ги анализираат состојбите во судството кога немаат претстава за што зборуваат, а можат да се појават во суд само како обвинети, обвинителството да си ја работеше работата.

Заборавам на човекот до мене, задлабочен во сопствените мисли поттикнати од будалаштините и некадарноста на оние што ни ја зацрнија сегашноста и ни ја замаглија иднината.

Од мислите ме тргнува звук, извик на радост, детска смеа. Погледнувам и гледам детенце што се стрчува кон таткото, човекот што ме поздрави, детенце што, очигледно, има пречки во развојот, но на кое љубовта му се гледа на лицето. Таткото го прегрнува, го погалува по косичката и го седнува до себе, љубовта и радоста бликаат од неговите очи. „Каде сте, се загрижив?“, нежно и грижливо ѝ се обраќа на сопругата, која доаѓа со детето. Таа тивко му објаснува дека Лука, така се вика малиот ангел, не можел да реши што сака, па затоа се задржале. Малиот Лука се гушка со таткото, сиот прилепен до него, додека родителите разговараат тивко меѓу себе. Го погледнувам детулето, кое ми се насмевнува со најволшебната и најискрена насмевка. Не можам да не ги забележам грижливоста, љубовта, посветеноста и храброста на овие млади родители, но и предизвиците и проблемите со кои мораат да се справуваат. Срцето и душата ми се натажија, претпоставувајќи за само еден мал дел од проблемите со кои мораат да се справуваат овие луѓе секојдневно и знаејќи како функционира оваа држава, урнисана и разнебитена, без систем и вредности, без чувство на одговорност, општество што е несочувствително, пропаднато во саможивост и корупција. Во тој миг почувствував таков срам што живеам тука, затоа што нè водат ситни, мали, проклети души. Буквално ме изеде туѓиот срам, срам што хохштаплерите, политикантите и тајкуните не го почувствувале, ниту ќе го почувствуваат затоа што немаат ништо човечко во себе. Помислувам и на сите оние луѓе што, здрави и прави, постојано лелекаат и се жалат за нешто, најчесто за ситни мали глупости и повторно ме облива туѓиот срам. Не можев да издржам и им се обратив на родителите, не можејќи да ги скријам ни моето воодушевување од нив ни туѓиот срам.

Животната приказна што ми ја раскажаа овие луѓе и предизвиците и проблемите со кои се судираат секојдневно уште повеќе ме растажија, а туѓиот срам само се интензивираше.

Ниту една операција што му била неопходна, не му била надоместена на малиот Лука од Фондот за здравство и покрај тоа што ниту еден лекар во Македонија не ги врши тие хируршки зафати. Ниту еден лекарски преглед, па дури ни слушалките за Лука, кој е глув и кој мора да ги има за да може да функционира како човечко суштество, не се надоместени од Фондот, кој плаќа сè и сешто, освен она што треба и чиј директор избега во Австралија за да не се соочи со законот и своите коруптивни зделки. А секој преглед, слушалките, батериите чинат илјадници евра, кои родителите мораат да ги платат за да му овозможат на своето дете, колку-толку, нормален живот. Со тоа се соочуваат не само овие родители туку и многу други родители што имаат ваква или слична мака. Животната приказна на овие луѓе опфаќа и укажува на многу имиња на функционери, доктори, кои не мрднале со прстот да им се помогне на ваквите или слични деца, а кои знаеле да ја претворат во пари ваквата туѓа мака и добро материјално да ја искористат без срам, без човечко сочувство. И не само докторите и функционерите туку ваквата мака ја претвораат во пари и ја искористуваат и логопепите и асистентите (лица што работат во училиштата со децата), добро и дебело наплаќајќи ја туѓата мака.

Долго време разговаравме, а нивната животна приказна наликуваше на вистинска сага во која, како вистински херои, се борат со разнебитениот систем и со расипаните суштества, кои глумат луѓе, а кои се на функции на кои никогаш не би смееле да бидат. Разговорот, одвреме-навреме, го прекинуваше малиот Лука, кој го гушкаше својот татко, кој, пак, продолжуваше, проткаен со невидени љубов, грижа и посветеност кон своето чедо, но и со храброст и решителност да ги надминат сите предизвици и амбиси без оглед колку треба тие, како родители, да се вложуваат и жртвуваат себеси.

Ме воодушевија овие млади храбри и предани големи луѓе, а ме изеде туѓиот срам, срамот што го немаат, а треба да го имаат оние мали, ситни, никакви луѓе на позиции во државата и во општеството.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ