Дете на петнаесетгодишна возраст управувало возило во вечерните часови, по улиците на Скопје, кога го сопрела полиција и пронашла оружје и муниција во возилото, објавија сите медиуми во Македонија. Речиси во исто време, шеснаесетгодишен ученик во едно скопско училиште пукал во соученичка, во училница, со пиштол со дијаболи и ја погодил неколку милиметри под окото. Пред неколку месеци, медиумите објавија дека 17-годишник пукал од своето возило кон познајник, на патот Тетово – Скопје. Во Чаир, 17-годишно момче пукало кон станот на едно лице, објавуваат медиумите и продолжуваат со ваквото објавување настани, кои го пополнуваат полицискиот билтен и во кои се учесници вооружени малолетни лица. Сè уште се свежи сеќавањата на училишните тепачки и бодења со нож, на тепачките во автобуси меѓу малолетници, а секојдневно сме сведоци на дивеењето, безобразието и на аздисаноста на младите.
Загрижувачка е состојбата со младината, но уште позагрижувачки се причините што довеле до ваквата состојба во која младината е ментално, морално и умствено дегенерирана. Загрижувачка е и млаката и млитава реакција на правниот систем, која е пост фестум и отсуство на превентивно дејствување на институциите што се должни да дејствуваат превентивно.
Меѓу основните причини за ваквата состојба се распаѓањето на семејството како основна клетка, отсуството на воспитната функција на родителите и невршењето на нивното родителско право. Не е родителска грижа само да го нахраниш детето и да му ги исполнуваш ќефовите, а да не го воспиташ и да не создадеш од него нормален човек што ќе ги почитува правилата и луѓето околу себе. Забеганоста на родителите оди дотаму што секој прекор на комшиите или на учителите на детето предизвикува заштитничка реакција кај родителите, која најчесто завршува со закани кон учителите, наставниците или воспитувачите и со родителскиот заклучок на себезалажување: моето дете е во право, сите околу него го мразат и го клеветат. Би требало секогаш кога ќе реагираат вака кон секој што им укажал на девијантноста на нивното дете, да се прашаат каква услуга му прават на детето замижувајќи пред вистината, каква порака му испраќаат и каква иднина го чека. Треба да сфатат дека на тој начин создаваат уште еден умислен недопирлив вагабонт, кој, порано или подоцна, ќе заврши многу лошо. Некогаш порано, кога беше ова нормално место за живеење и кога се знаеше кој е родител, а кој дете и кој кого треба да слуша, за лошо однесување се добиваше воспитна шлаканица од комшијата или од учителот, а следуваше и од таткото кога ќе дознаеше што си направил и како си го посрамотил семејството. Денес, ниту детето ниту родителите се срамат, ниту, пак, се почитуваат, детето може да се однесува како што сака затоа што има права.
Токму тие пренагласени права на детето пропагирани од некои невладини организации, без никакви обврски и одговорности на детето, меѓу другото, доведоа до ваквата забегана состојба. Не може и не смее ниту едно право, па ни детско, да биде само право што не го придружуваат обврски и одговорности.
Не може родителското право на грижа, чување и воспитување да се сведе само на грижа, чување и безрезервно одобрување на секое однесување на детето без воспитната функција и реакција со казна за девијантно или недолично однесување. Не може и не смее родителите да бидат еднакви ниту во своите права ниту во своите одговорности со своите деца. За секое кривично дело на дете, одговара родителот, но покрај за кривичното дело недозволено држење оружје, за кое во првиот случај ќе одговара родителот, би требало да одговара и за кривичното дело запуштање малолетник, а за ова би требало понекогаш да одговараат и некои од поборниците за детските права без одговорности, како и одговорните од центрите за социјални работи.
Центрите за социјална работа, кои се, меѓу другото, одговорни за следење и преземање мерки во ваквите случаи на малолетничка деликвенција и превентивно дејствување, им посветуваат многу малку внимание на ваквите малолетници, обично е тоа пак пост фестум, а млаката реакција за пропустите на родителската негрижа за воспитување завршува со некакви мерки или разговори, кои се вообичаено задоцнети. Ретки се ситуациите на одземање или ограничување на родителското право, сместување во згрижувачко семејство кога е повеќе од очигледно дека е создаден малолетен деликвент, кој ќе прерасне во поголем криминалец.
Училиштата се подеднакво одговорни за ваквата ситуација, затоа што одамна ја заборавиле и ја запустиле педагошката функција, која, покрај образовната, е главна функција на секое училиште. Образованието без воспитување не води кон ништо и не создава нормален човек подготвен да го преземе своето место во општеството во иднина како човек, родител и граѓанин. Отсуството на координација и системска поврзаност на училиштата со родителите и со центрите за социјална работа, дополнително ја усложнува и онака сложената ситуација, која, за жал, создава проблематични, невоспитани и криминални идни граѓани на ова општество.
На крајот, и сите ние сме одговорни како луѓе, соседи, пријатели, познаници случајни минувачи кога ги затвараме очите или ја вртиме главата кога ќе воочиме вакви девијации кај младите и не реагираме кај родителите, институциите, надлежните, залажувајќи се дека не е тоа наша работа, наша грижа, заборавајќи дека многу лесно може таков забеган малолетен деликвент да го повреди нашето дете, внуче, нас, а тогаш е доцна.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните.)