Доаѓа така, понекогаш, време во кое паметните замолкнуваат, будалите прозборуваат, а фукарите се збогатуваат, напишал Иво Андриќ. Жално е што тоа време што доаѓа понекогаш, кај нас трае веќе со децении.
Живееме во општество на лаги, лажни вредности, лажни знаења, лажни херои, лажни пријателства, лажни насмевки, живееме лажни животи. Живееме во гнилежот на изопаченоста, самобендисаноста и на нахалноста, во смрдеата на сопственото ѓубре и на малоумноста, живееме од фрази и од слогани на плиткоуми политиканти, живееме во време на квазизнаење, кое го куцкаат полуписмени идиоти на своите профили и блогови.
Паметот и знаењето замолкнаа или се иселија од ова парче земја, кое некогаш беше симбол на писменоста и на културата. Насмевката и пријателството одамна исчезнаа и од лицата и од срцата на овој народ и место нив, се вселија зависта, злобата, расипаноста и „накарадноста“. Насилниците дивеат по улиците, паркинзите, кафеаните, рестораните, дивеат по социјалните мрежи и на малите екрани. Денес, тука владеат „накарадноста“ и малоумноста, нечесноста и нахалноста, лагата и зависта, крадењето и измамата станаа начин на однесување и на владеење.
Живеам во земја во која живеењето стана скапо, а животот евтин, земја во која секој има право на сè, а нема никаква обврска и одговорност, во која економијата и правото му се слуги на политиканството, а законот важи само за обичниот народ, кој нема пари или врски.
Денес се убива за паркинг-место, се пука поради недавање предност во сообраќајот, се газат деца и луѓе по улиците поради аздисаност и раскалашеност на мамините и татините синчиња, се вадат ножеви меѓу малолетниците, кои се бодат затоа што немале никого да ги воспита.
Дојде време во кое судиите го свиткаа грбот пред политикантите, време во кое партиските лидери и премиери лицитираат со пресудите, квалификациите и со казните, а судиите молчат, испорачуваат и напредуваат. Живеам во земја во која се залагаме за правна држава и за владеење на правото, за судски реформи, за независно и самостојно судство без влијание на политиката, а политикантите, кои изигруваат политичари, повторно лицитираат со реформите, тие прозиваат, менуваат, разрешуваат и диригираат. Дојде време во кое поделбата на власт е само мртва формулација во Уставот, време во кое извршната власт е единствена власт, а законодавната и судската власт се нејзини услужни дејности.
Дојде време во кое партиските и државни функционери бегаат во соседните држави, зависно од националноста и од говорното подрачје, едни на исток, други на запад. Пропагираме владеење на правото, а го кршиме законот на секој чекор. Барањата за екстрадиција ни ги одбиваат поради политички прогон и политички мотивирани постапки. Денес, судот и судницата не се повеќе место каде што се дели правда и правораздава, туку тоа се улицата, социјалните мрежи, медиумите. Обвинителите повеќе не ги обвинуваат сите оние што го прекршиле законот, туку само ситната боранија, која е без заштита на партијата, функцијата или на фамилијата, а почнаа да се обвинуваат и меѓусебно, полнејќи ги медиумите како турска серија со бескрајно многу продолженија.
Живеам во земја на апсурди и лакрдии, во земја во која народот не верува никому, па ни себеси, во која се гласа не за најдобриот, туку за помалку лошиот, земја со повеќепартиски систем во кој владеат две партии со Македонците и две со Албанците. Градиме општество на еднакви граѓани, во кое некои се поеднакви од другите и во кое е битно на која партија и која националност им припаѓаш. Пропагираме граѓанско општество и цивилизациски вредности, а владеат „сељачизам“, примитивизам и нецивилизираност.
Дојде време во кое не е битно колку знаеш или умееш, туку дали имаш партиска книшка, дали си Македонец или Албанец, дали некој ти е во власта. Работните места и функциите се делат не според способноста и знаењето, туку според партиската припадност, семејните врски и националните клучеви, а балансерот служи за национална небалансираност. Истакнат стручњак се мери според партиските заслуги, послушноста и партискиот стаж, а не според објавените трудови, знаењето и залагањето.
Живеам во земја која многумина ја нарекуваат вечна, но во која се вечни само корупцијата и „некадарноста“, а сето друго е минливо и менливо, и името, и знамето, и историјата, а како што тргнало – и грбот.
Дојде време во кое паметните замолкнуваат, будалите прозборуваат, а фукарите се збогатуваат. Дојде време во кое нашиот човек не знае лесно и навремено да запре ни при подем ни при паѓање, напишал Иво Андриќ и како да нè опишал со овие две реченици.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)