КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Човек, како грдо звучи тоа

204

Светот стана едно чудно место за живеење, судир на спротивности, нелогичност, изопаченост, лицемерие и лаги како никогаш во неговата историја на постоење. Не дека човештвото, низ својата историја, не доживеало подеми и падови, премрежиња што го доведувале до работ на постоење, ама никогаш не биле толку очигледни и видливи спротивностите и никогаш не била поголема рамнодушноста кон случувањата. Ова особено вџашува и разочарува ако се има предвид тврдењето дека човештвото пораснало, созреало и дека се стреми кон демократија, рамноправност, еднаквост.

Дваесеттиот век беше борба на човештвото против колонијализмот, фашизмот, борба за човекови права и слободи, за еднаквост и светот се стремеше кон обединување. Тој век заврши и почна новиот со неоколонијализам, воскреснување на фашизмот, деструкција на сите човечки и морални вредности, со деградација на животот и на самото живеење.

Оружјето е заменето со пари, физичката окупација на земјите е заменета со камати, ропството се замени со  должничко ропство. Воената сила стана средство што има помал ефект од силата на Светската банка, Меѓународниот монетарен  фонд, УСАИД… Чудни типови со кловновско однесување станаа светски лидери. Тие можат со притискање на едно копче да го сменат изгледот на Земјината топка и да ги избришат животот и постоењето на планетава. Мали, ситни марионети станаа челници на малите државички, кои наликуваат на светските кловнови, само на локално ниво. Дипломатијата од уметност на преговарање стана средство на уцени и закани, а квазипреговарањето, кое јавно се пренесува деновиве, личи на лакрдија и срам. Дипломатите, кои некогаш беа посебно школувани и обучувани за својата работа, од луѓе што беа образовани и претставуваа интелигенција во општеството, денес се сведоа на партиски слабоумници и послушници, на полуписмени креатури што едвај го зборуваат мајчиниот јазик. Демократијата и човековите права станаа изговор за бомбардирање и за разурнување на друга земја, со цел да се приграбат саканите ресурси, а состојбата што ја создаваат со наводната демократизација е полоша и похаотична од онаа претходно.

Лицемерието, кое секогаш било присутно во реториката и во однесувањето на лидерите и на функционерите на големите сили, денес кулминира и преминува во безочни лаги, а ни претставниците на помалите држави не заостануваат во ваквото лицемерие, но на пониско, локално ниво. Демократијата, еднаквоста, соработката и човековите права се толку релативна категорија колку што е голем интересот на големите сили што го имаат во некоја трета земја и се само празен збор на светската мапа на измами и лаги.

Изопаченоста, неморалноста, неукоста, некадарноста, безидејноста и игнорантноста станаа доблести и вредности што се прокламираат, а „накарадноста“ стана симбол кон кој многумина се стремат.

Некогаш, умираа од глад луѓе и деца во Африка, денес се случува тоа насекаде во светот, дури и во Европа, која се гордее со својата демократија, човековите права и слободи, со човечкото достоинство, кое многумина го немаат затоа што немаат ниту еден пристоен оброк дневно. Сиромаштијата никогаш не била поголема на глобално, светско ниво, а бројот на луѓе што се на работ на егзистенцијата секојдневно се зголемува. Како никогаш, вкупните светски ресурси и богатство денес се во рацете на многу мал број луѓе. Несамостојноста и зависноста на човештвото од техниката и од Интернетот се толку големи што голем број вештини што ги имало човештвото се заборавени и изумрени. Интелектуалната активност, сведена на папагалско повторување туѓи ставови без нивно критичко согледување и формирање сопствено мислење, едноставно процесот на размислување, анализирање, истражување и заклучување се сведени на Интернетот, вештачката интелигенција и на социјалните мрежи.

Никогаш човештвото не било поподелено, и тоа по сите основи: верски, национални, регионални, раса, пол.

Човештвото никогаш не било поотуѓено од природата и никогаш повеќе не ја експлоатирало безмилосно. Уништуваме цели екосистеми, дел од животинските видови исчезнаа, а голем број претставуваат загрозени видови чии единки се бројат на прсти. Ги загадуваме океаните и морињата, фрламе ѓубре и отпад каде што ќе стигнеме, а лицемерно се бориме за здрава животна средина, зборувајќи за екологијата, која е мртва буква на хартија.

И не само што денес човек на човека му е волк, не само што ја силуваме природата туку, во нашата забеганост, почнавме да го имитираме Господ клонирајќи, играјќи си со гените, атомите, климата, атмосферата, вирусите.

Максим Горки некогаш рекол: „Човек, како гордо звучи тоа“, но да е денес жив, верувам дека реченицата би гласела: „Човек, како грдо звучи тоа“.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ