КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Безумие

346

Ова се најтажните денови во македонската современа историја. Мозокот, рациото, човечката логика едноставно не може да го обработат и да го сфатат сево ова што ни се случува, не може да го прифатат како реалност во која живееме и постоиме. Народот на Република Македонија денес тагува и жали, а институциите, политичките партии, функционерите политиканти и самата држава се на столбот на срамот.

Денес, во Република Македонија е скапо живеењето, а животот евтин, безвреден. Причините за тоа се повеќе од јасни, познати секому што живее овде. Причините и корените за ваквата состојба ни се повеќе од добро познати на сите.

Комплетна партизираност на државата, општеството и на сите институции, комплетна корумпираност на партискиот кадар, јавните функционери и на севкупниот државен апарат, неказнивост, недопирливост, двојни аршини и селективна правда како последица на разнебитеноста на системот и партизираноста на судството и на обвинителството, бришење на поделбата на власта и супремација и доминација на извршната власт над севкупниот живот и над процесите во општеството, со отсуство и руинираност на сите контролни механизми, се причините што нè доведоа до дното и до реалната опасност за нашето постоење и опстојување како човечки суштества.

Потенцираната партиска „урамниловка“ за поставување послушнички, неписмен, нестручен и неморален партиски кадар на позиции во државата и во општеството од кои зависи нормалното функционирање на една држава, со комбинираните патриотизам и верност само на партиските и лични интереси наместо на државните, националните и на граѓанските, го деинсталираше системот и на морални и на професионални вредности. Знаењето, квалитетот, моралниот кредибилитет повеќе не се услов за поставување на функција или позиција од интерес за државата и за општеството туку се преферираат и вдомуваат партиски кадри што се најчесто и без професионален и без морален кредибилитет.

Избегнувањето одговорност, спинувањето, маргинализирањето на настаните и на последиците, злоупотребата на моќ се инструмент што секојдневно го користат партиските и државните функционери за избегнување лична или сопартиска одговорност. Постојаното отфрлање на сопствената одговорност и нејзиното префрлање на претходните го прави и го затвора маѓепсаниот круг на недопирливоста. Во мигот зборуваме за недоверба во судството, но сите молчат за севкупната недоверба кон сите институции, лидери и партии. Довербата на народот во кој било лидер, партија или институција е едноцифрена.

Во Република Македонија се создадени такви општествена клима и реалност што народот е замолчен, интелектуалната елита маргинализирана и под огромен партиски притисок, новинарите се под политичко влијание, на платен список на партиите или се игнорирани од политикантите, кои држат пресови на кои мелат едно те исто, бранејќи ги криминалот и корупцијата, дозирајќи ги вистината и одговорноста, а судството – политизирано и клиентелистички ориентирано кон секоја партија што е на власт. Во мигот не постои реална можност за артикулирање нормални граѓански интереси и права, не постои механизам за нивна заштита од своеволието и од партиократијата што владеат во нашата земја.

Наша обврска, како граѓани и интелектуалци, е да бидеме совест на општеството; како луѓе што имаат повисоки морални вредности, наша обврска е на секој чекор, секаде, секогаш да ги истакнуваме, промовираме и да ги заговараме доследното применување на законот, одговорноста на секој за она што го работи, особено при извршувањето општествени и државни работи, постојаното укажување на недоследностите, лагите, спинувањата и малверзациите со кои се служат политикантите и нивните ботови и ширењето општествена и граѓанска свест за правата на граѓаните.

Секој од нас, без оглед колку нè тера на тоа квазисистемот, кој е инсталиран веќе децении во Македонија и кој се потпира на корупцијата, „урамниловката“ и на недопирливоста, да се воздржи од дејства што го зајакнуваат таквиот квазисистем и нè прават соучесници во сето ова. Особено им укажувам на интелектуалците што се партиски определени и активно учествуваат во партиските активности, да ја стават, пред сè, во прв план својата човечка, граѓанска и професионална етика и морал пред партиската и активно и сериозно, во редовите на својата партија, да ги истакнуваат, артикулираат и да се борат за нормалните цивилизациски вредности, кои, покрај правата, вградуваат обврски и одговорности.

Време е да се разбудиме и да почнеме да се бориме за нормални држава и општество во кои ќе бидат вградени нашите вредности, вредностите на 21 век, кои се општи, цивилизациски и човечки вредности, а кои се во мигот најдалеку од вредностите, ако воопшто може да се наречат така, што се негуваат и вреднуваат во ова разнебитено општество.

(Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)

ИЗДВОЕНИ