Пред некој ден беше објавена информација што помина речиси незабележано и покрај тоа што требаше да предизвика големо внимание, но и сериозна загриженост. Но, кај нас сè поминува, сè се заборава за три дена и се тера по старо. Извештајот на Меѓународната организација за миграција за 2020 година покажува дека Македонија се наоѓа во топ дваесетте земји во светот со најголема емиграција во странство. Извештајот на Светска банка покажува дека речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја напуштиле државата. Слична состојба покажува и индексот на одлив на мозоци на „Global Economy“, кој ја става нашата земја на високото петто место, од вкупно 41 европска земја, што јасно покажува за каков сериозен проблем се работи.
Вакви алармантни бројки и тренд покажа конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на заминувањето на високообразовни и стручни кадри“, кој го објави Државниот завод за ревизија.
Ваквата состојба е загрижувачка и алармантна и, што е најлошо, трае и продолжува. Како и за сè друго, ниту има реакција, ниту некого интересира и загрижува, ниту некој презема сериозни мерки и гради стратегија да го спречи одливот на мозоци, нешто што ја поткопува иднината на нашата држава.
Наместо да се размислува и да се работи на создавање конкретна и долгорочна стратегија со која би им се понудиле на младите услови и можности да останат во земјава и да ги остварат своите планови, придонесувајќи во исто време и за развојот на државата, политикантите (кај нас многу одамна нема некој што би можел да се нарече политичар) „млатат“ празна слама, зборуваат и ништо не прават, освен што декларативно се изјаснуваат за промени, за законитост, еднаквост и за правна држава, а реално го гледаат само својот интерес, грижејќи се да се збогатат што повеќе пред да станат повторно опозиција. Секоја промена на власта наликува како одново да ја создаваме државата, но само декларативно, затоа што „системот без систем“ само се надградува и продолжува да се применува.
Токму тој хаос, беззаконието, таа селективност, дволичноста, двојните аршини, тој систем без систем, систем без правила е она што најмногу им пречи на младите и на сите оние што се иселуваат. Ако некогаш причина за иселувањето беа заработката и парите, во последно време, причина за иселувањето сè повеќе се анархијата, беззаконието, неказнивоста на поединци што се над законот, немањето систем и функционални институции во служба на граѓаните наместо на партиите, градењето партизирано општество, а не граѓанско општество во кое ќе бидат ценети квалитетот и стручноста, а не партиската или национална припадност.
Не поминуваат веќе голите зборови без конкретни дела, не поминуваат веќе демагогијата и ветувањата без исполнување.
Слоганите на билбордите, предизборните ветувања, идеалите, играњето на картата на патриотизмот и каузата веќе не поминуваат кај младите и не само кај нив, затоа што беа експлоатирани со децении, без конкретно дело, останаа само зборови без реализација. Никој не е толку глупав и слеп, освен партиските ботови, да верува и понатаму на она што се зборува, а да не гледа што се прави. А, не се прави ама баш ништо за државата и за општеството, а се прави сè за личните интереси и за благосостојбата на оној што е на власт и позиција.
Во изминатиов период од неколку децении, нема политичар, ниту човек за кој би можеле да кажеме дека макар се обидел да се издигне над личните и над партиските интереси и се обидел да работи во интерес на граѓаните и на државата, на сплотувањето и заедништвото, на концептот на граѓанско општество. Преку глава му е веќе на народот од демагогија, политиканство, типови со сомнително потекло и со милион опашки и афери, кои се претставуваат како политичари, херои, патриоти, од делби и поделби, од партии и партиски идиоти, од функционери клептомани и полуписмени политиканти.
Ако продолжат вака да се однесуваат и да дејствуваат, партиите и политикантите на крај ќе владеат само со себе, бидејќи ќе останат без народ.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)