КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Театарче лево ќоше, театар за судии и обвинители

182

Се чудат судиите и обвинителите како е толку ниска довербата на народот во овие институции, се чудат на критиките кои доаѓаат од сите страни од домашната експертска фела но и од меѓународните експерти и дипломати. Се чудат и исчудуваат на критиките и никаквиот рејтинг и доверба, зачаурени, самобендисани, дезориентирани и некадарни се удираат во гради тешејќи се дека работат и судат, но никогаш не се запрашале како судат, не се запрашале дали правораздаваат. Слепи при очи, глуви при уши, со мозок без ум не сфаќаат, не капираат дека не правораздаваат, се улизуваат, потчинуваат, молчат и испорачуваат она што од нив власта го очекува и се играат суд, прават театар од судницата, циркус од правниот систем, а дел од нив мешетарат, се продаваат и испорачуваат она што е нарачано и со пари подмачкано. Се тапкаат по рамо претседателите на судовите како успешно и одговорно ги менаџираат судовите и испорачуваат она што некому одговара, некому кој платил, ветил, задолжил.

Нема ден, во изминативе години, да нема афера, будалаштина во правосудството, да нема настан како од турските серии комичен, лигав и срамотен.

Уште од предметот, познат во јавноста под името Јустиција, не само домашната експертска јавност туку и меѓународната ја постави дијагнозата „заробено судство“, но го детектираше и главниот проблем кој експлицитно го опишаа како  проблематично и нестручно менаџирање со правосудните институции и го посочија раководниот кадар, раководните функционери како најголем проблем. Сличен резултат се доби и од анонимната анкета на судиите од кои мнозинството се пожали на притисокот од првите луѓе во судството и судовите.

Се уште се свежи сеќавањата на судењата и судиите кои судеа по диктат и по нарачка, срамно и безобразно испорачаа пресуди кои и ден денес се предмет на потсмев но и проблем на правниот систем и правдата, а за испорачаното беа унапредени. Се сеќаваме на тефтерчињата и партиските координации за избор на судии, на првите луѓе во советот кој им ја решава судбината на судиите кои не напишале ниту една пресуда, кои јавно ги прозиваа новинарите и ги обвинуваа за рејтингот на судството без да се запрашаат како залутале таму и без да сфатат дека состојбата во судството и партизираноста токму тие ја овозможиле.

Во обвинителството ситуацијата е слична ако не и уште полоша. Поразително е кој сè раководи и го менаџира обвинителството, кој сè е одговорен за гонење и борба со криминалот. По утрото денот се познава, па не е ни чудно што кандидатите за Академијата за судии и обвинители, а кои претендираа за обвинителски места, поднесоа фалсификувани дипломи и уверенија за познавање на странски јазик. Не помина долго време, а читавме и се смеевме на вработувањата на внуките, сопругите, за правење недоветни на очигледни кривични дела од високи функционери кои се недопирливи. Се гадевме од леснотијата со која ги прикриваат и покриваат сторителите на сериозни кривични дела и корумпирани функционери, кога не покренуваа постапки и не бараа одговорност за луѓе кои изгореа во квази болница. Ни се гадеше од обвинителите кои ја добија целосната поддршка и на народот и на меѓународната јавност, кои добија одврзани раце да гонат високо позиционирани криминалци, а самите се продадоа, корумпираа и завршија во затвор и го растурија обвинителството од кое многу се очекуваше.

Обвинителката која ја наследи специјалната гасеше и палеше, исполнуваше нарачки и порачки, измислуваше закони за амнестија и на крај и неа и го сместија. Испорачаниот резултат во борбата против организираниот криминал и корупција одвај една голема нула, едно големо ништо. Не помалку се истакна и се посрамоти и врховниот јавен обвинител кој во законот е крстен како јавен кога јавно застана зад политичките нарачки и порачки, па ја суспендира госпоѓата организирана. Стана предмет на потсмев кога штитеше обвинител кој уништил службено возило за приватни потреби, а забега кога лично наредил, и усно и писмено, да не се повлекува обвинение за кое обвинителот кој го води предметот му тврдел дека нема никакви докази за истиот. Предметот заврши со ослободителна пресуда но заврши и со огромна писмена документација на амбасада и влада на странска држава од која се гледа како обвинителот прикрива корупција на високи функционери од кои едниот избега во странство. Попусто го правеше сето тоа затоа што на крај извиси за местото во Уставниот суд.

Праксата и однесувањето продолжува, па и новиот, најверојатно поради зрачењето од подземните води под округлата гипс картон зграда, им наредува на обвинителите какво мислење да имаат и како да постапуваат, барем според она што во последниве денови кружи како афера во јавноста. На секое противење и опстојување на сопствено мислење и работење според законот одговорот е конструирање на постапка. И тоа каква постапка, наводен мобинг кој по потреба станува кривично дело малтретирање во служба што предизвикува чудење но и подсмев во јавноста.

Ова и вакво однесување покажува неколку работи и тоа, прво, катастрофално непознавање на институтот мобинг но и кривичното дело малтретирање во служба. Кога обвинителот постапува од позиција на обвинител и превзема дејствија како обвинител го сторува кривичното дело ако малтретира, се заканува, употребува сила или врши физичко или психичко насилство кон учесниците во кривичната постапка, осомничен, обвинет, сведок, вештак итн. Ако истиот постапува како раководител на органот кон вработените не може да го стори ова кривично дело туку се работи за мобинг. Второ, ваквото однесување покажува каква е состојбата во обвинителството и трето, го покажува клиентелистичкото однесување на штипското јавно обвинителство кое експресно го испорачува она што од него се очекува.

На потег е советот на обвинители кој може да ја продолжи оваа хумореска во театарчето за судии и обвинители или сериозно да ги испита сите наводи и факти и да воспостави законита пракса.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)