Да потсетам дека неодамна Владата на Република Македонија соопшти дека големиот проблем со аерозагадувањето во градовите ќе го решава со изградба на гасни когенеративни централи (КГЦ) и соодветни системи за топлификација. Тоа значи дека такви термоцентрали ќе се градат во Скопје и во другите градови во РМ, кои се најзагадени, а тоа се Тетово, Битола, Струмица, Кавадарци и др. Не верувам дека во планот се вклучени сите загадени градови. Покрај изградба на когенеративни централи, предвидено е да се градат и градски цевководни мрежи што е исто така комплексна работа.

Едно битно прашање: Дали државата е сигурна дека ќе има доволен број граѓани што ќе се приклучат на новите градски цевководни системи? Ако нема, тоа би биле промашени инвестиции. Да наведам дека во Битола имаше градска топлификација, но пред околу десет години престана да работи поради финансиски загуби (веројатно и мал број на корисници).

Но, најнапред би сакал да укажам дека решението за изградба на гасни КГЦ и соодветни градски цевководни мрежи заради избегнување на аерозагадувањето е едностран и застарен приод. За да се согледа ова тврдење ќе направам краток опис на историјата на градските топлификации во светот и соодветните технолошките еволуции класирани во пет генерации.

Прва генерација, 1880-1930: Температура до 200 степени Целзиусови. Гориво: јаглен. Пареа во цевководната мрежа.

Втора генерација, 1930-1980: Температура над 100 степени Целзиусови. Јаглен, нафта. Врела вода во цевководната мрежа. Когенеративни централи (КГЦ).

Трета генерација, 1980-2020: Температура под 100 степени Целзиусови. Јаглен, нафта, гас, биомаса. КГЦ. Отпадна топлина од индустрија. Фабрички предизолирани цевки. Инсталирање на калориметри.

Четврта генерација, 2020-2050: Температура 50-60 степени Целзиусови. Биомаса, цврст отпад, геотермална енергија, отпадна топлина од индустрија. КГЦ (со еколошко гориво). Соларни термални колектори, топлински пумпи. Складирање на топлина. Предизолирани цевки. Калориметри. Помали капацитети на потрошувачите.

Петта генерација, во развој. Доминантна улога: обновливи извори на енергија и топлински пумпи.

Како што се гледа од горниов список, во најновите генерации на системи за топлификации нема гасни КГЦ бидејќи природниот гас не е еколошко гориво, а на него се гледа како транзиционо решение.

При составување на решение за централниот систем за греење претходно треба да се направи т.н. топлински атлас (мапа) на градот (или населбата) во кој треба да бидат означени сите згради и соодветните потреби за греење. Како пример ќе ја наведам Данска која го има тоа направено за сите градови во државата. Исто така, во тој атлас треба да бидат внесени сите потенцијални извори на топлина: отпадна топлина од индустрија, биогас, биомаса, цврст отпад (incineration), отпадна (комунална) вода, геотермални извори, нискотемпературни извори за топлински пумпи, локации за соларни колектори итн.

Главна цел е да нема загадување и емисии на стакленички гасови или тие да бидат минимални.

Исто така, треба да се гледа на висината на почетната инвестиција и на експолоатационите трошоци. Во некои случаи пожелно е државата да дава субвенции при вложувања во еколошки решенија.

Со оглед на карактерот на потенцијалните извори на топлина за систем на топлификација, во голем број случаи треба да се изврши зонирање на делови од градот и во секоја зона да се направи соодветен систем (децентрализирано производство на топлина), значи избегнување на еден централен систем за снабдување со топлина на цел град од едно место.

Ако претходниов осврт се примени за Скопје, тогаш во новиот систем за топлификација треба да се разгледа вклучување на потенцијални нови извори на топлина од индустријата. Ова особено се однесува за населбите Железара и Автокоманда, кои се наоѓаат во самиот град. Понатаму, да се земе предвид користење на отпадна вода од пречистителни станици која има температура од околу 20 степени Целзиусови и е идеална за топлински пумпи. Вакви станици веќе има во неколку градови во РМ, а во Скопје во тек се подготовки за изградба на голема пречистителна станица. Би можело пречистена вода од околу 20 степени Целзиусови да се транспортира до неколку зони во кои ќе бидат инсталирани големи топлински пумпи, а топлински загуби од цевната мрежа речиси ќе нема. Во земјава има подземна вода речиси во сите места, а тоа се потенцијални извори на топлина за геотермални топлински пумпи.

Во овој напис не е вклучен концептот за централно греење и ладење на градовите (district heating and cooling), бидејќи таков систем е тешко применлив за Скопје, а уште помалку за другите градови во РМ. Сепак, овој систем е погоден за некои поголеми градови во светот, особено за оние со потопла клима и каде што има голема густина на згради.

Како и во неколку написи објавени порано и сега ќе нагласам дека топлинските пумпи овозможуваат ефикасни и чисти решенија за греење, а со тоа и избегнување на аерозагадување на градовите. Нивната примена е можна веднаш, но државата треба да ја промовира нивната употреба и да дава субвенции во рамките на своите можности.

Погоре се дадени базични размислувања кои се засноваат на современи меѓународни извори на информации. Тие се мошне реални, но сепак треба да се направи подетална натамошна анализа од стручен тим. Значи избегнување на аерозагадување со изградба на гасни КГЦ не е единствено и оптимално решение. Од друга страна, во РМ е потребна изградба на две гасни КГЦ најмногу заради обезбедување на базна електрична енергија, која на земјата ѝ е многу потребна под итно.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ