КОЛУМНА, Д-Р РИСТО ЦИЦОНКОВ: Ало, Америка, природата не знае да глуми!

345

Дали се сеќавате на ураганот Катрина што го погоди Њу Орлеанс (САД) во 2010 година, предизвикувајќи големи поплави со околу 2.000 жртви и огромни штети и уништени домови? Неколку месеци моќната држава не можеше да се справи со хаосот и со маките на населението. Не само во таа година, и во следните години имаше силни урагани и поплави со загубени човечки животи и со големи материјални штети. Исто така, во САД многу често има рекордно високи температури, катастрофални суши и појава на шумски пожари. Сето тоа е последица на климатските промени.

Изминатите денови бевме сведоци на катастрофални шумски пожари во Лос Анџелес и неговата околина. Сушата во јужна Калифорнија и ветрот што дувал од таа област кон Лос Анџелес создале услови за големите шумски пожари, кои не можеа да ги изгаснат со денови. Штетите се проценуваат на околу 150 милијарди долари и има најмалку 27 жртви. Специфичноста на оваа катастрофа е во тоа што се случи во област каде што жителите се, можеби, најбогати во светот, голем број од нив се познати филмски и музички ѕвезди, спортисти, политичари, бизнисмени и други. Голем дел од тие личности имаат резервни куќи и станови во САД и во други делови од светот, а на оние настраданите што не се толку богати државата им вети дека ќе им ги покрие настанатите штети.

Како и минатите катастрофални пожари, урагани, поплави, и последнава ќе биде заборавена со текот на времето. Познато е дека главна причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови и тоа во најголем дел од индустриски развиените земји. Земјите од Европската Унија (ЕУ) имаат преземено многу мерки, но на САД „не им доаѓа умот“ кога се климатските промени во прашање. Во прилог на ова тврдење ќе наведам неколку факти. Во времето кога беше претседател Бил Клинтон, САД не го ратификуваа Протоколот од Кјото (1996 г.) со кој се предвидува редукција на стакленичките гасови кај развиените земји. Изговор беше дека тоа ќе ја попречува нивната економија. Потпретседател на САД во тоа време беше Ал Гор. По завршувањето на мандатот, Ал Гор направи документарен филм на тема климатски промени, а за правење добри филмови, Американците се ненадминати. Ал Гор доби Нобелова награда за тоа, а мене не ми е јасно до ден-денес како ја заборавија неговата улога за климатските промени како потпретседател на САД.

Кога беше Доналд Трамп претседател на САД во претходниот мандат (2017-2021 г.), САД донесоа одлука да се повлечат од Парискиот договор за климатски промени, а како причина беше наведено дека тој договор е штетен на економските интереси на САД. Но следниот претседател, Џо Бајден, повторно ги приклучи САД кон Парискиот договор. Во изборната кампања Трамп најави повторно повлекување од договорот и тоа го направи уште во првиот ден од повторното стапување на функцијата претседател на САД. Ова заличува на играта пинг-понг, а се работи за опстанокот на планетата Земја.

На оваа променлива позиција треба да ѝ се додадат и следниве факти: САД се најголемиот производител на нафта и на гас во светот, а емисиите на ЦО2 по жител се убедливо највисоки во САД.

Сиромашните земји се најчесто погодени со катастрофите предизвикани од климатските промени, а нивното учество во емисиите на стакленички гасови е многу мало. Во најголемиот број земји од Африка, емисиите на ЦО2 се помали од 0,7 тони/жител. Ова е голема неправда.

Главната парола на новиот претседател на САД е „Америка на прво место“ (Америца фирст) и јас го разбирам и го почитувам тоа. Но, од друга страна, новиот претседателот најави дека ќе ги зголеми напорите за нови дупчења за експлоатација на нафта и на гас, а со цел зголемување на нивното производство. Но со тоа се зголемуваат емисиите на стакленички гасови. Јас (сигурно и пошироката јавност) не се согласувам со ова, бидејќи тие емисии влијаат на целата планета Земја, а не само на Америка. Трамп ги нарекува климатските промени „голема измама“. Но за тоа дали е измама или не, меродавно е мислењето на научниците, а не на политичарите.

Нека прави Холивуд филмови во кои претежно Америка се бори за правда и секогаш победува, но природата не знае да глуми, туку дава многу јасен и силен одговор преку урагани, суши, шумски пожари, топлински бранови и друго. Америка ќе дупчи уште повеќе, ама „стапот ќе го јадат“ најмногу сиромашните земји, вклучувајќи ја и нашата земја.

(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје)

 

 

ИЗДВОЕНИ