Она што се случи вчера во Скопје, на прославата на самостојноста на Албанија и Денот на албанското знаме, не може никако поинаку да се именува, освен како дивеење и примитивизам. Кинењето, газењето, палењето на македонското знаме не е ништо друго, освен примитивизам, но покажува и неколку други состојби на актерите во ваквото дивеење и однесување. Примитивизмот доаѓа од латинскиот збор „primitivismum“, кој го означува сето она несоодветно однесување на поединци или на групи луѓе, однесување што не е во согласност со веќе определените рамки на однесување на ментално здрава личност во комуникацијата со други луѓе.
Примитивизмот, во суштина, е непочитување на пропишаните и востановени прописи и правила со кои се уредени односите меѓу луѓето. Секое однесување што излегува од рамките на нормалното однесување и непочитување на цивилизациските вредности, претставува примитивизам и примитивно однесување. Примитивизмот или примитивноста има различни аспекти и значења, зависно за која област се работи, а како појава се проучува од антропологијата, социологијата, психологијата…
Социолошки, примитивизмот се третира како општествен однос карактеристичен за прастарите првобитни заедници. „Примитивец“ доаѓа од латинскиот збор „primitivus“, кој означува прости, нецивилизирани, еднострани, некултурни луѓе. Примитивците сметаат дека, поради своето примитивно однесување, најлесно ќе ги „пленат“ широките маси што имаат слично мислење или потекло и сметаат дека нивниот примитивизам ќе биде препознаен како авангарда.
Едни од најголемите цивилизациски вредности и човекови права се правото на еднаквост, достоинство, правото на идентитет и забраната за ширење омраза според полот, расата, националната, верската, социјалната и друга припадност. Палењето и кинењето знаме на која било држава, особено онаа во која живееш, додека вееш знаме на друга држава, е не само примитивизам и вандализам туку и слика и одраз на домашното воспитување и на влијанието на социјалната средина во која живее и се развива примитивецот, ако воопшто може да стане збор за некаков развој. Ова ја покажува и пошироката слика, која воопшто не е розова и која ја отсликува длабоката поделеност во општеството по национална и по верска припадност. Третата работа што ја покажува ваквото однесување е омразата кон сето она што е околу примитивецот, а различно од него и покрај тоа што токму тие различни од него ги почитуваат неговите права, особености, јазик, знаме и, згора на тоа, го школуваат, лекуваат, вработуваат…
Сево ова ја покажува и состојбата на правниот систем, кој е во летаргија и крајно политички зависен, кога не презема дејства против ваквото однесување, кои е должен да ги преземе, а кои се пропишани и санкционирани во Кривичниот законик.
Човекот ја добива желбата за истакнување во периодот на растење и созревање, а од особено значење е влијанието на семејството и на општеството. Семејството пред сè, но и општеството е одговорно за ширењето или за ограничувањето на примитивизмот, тие особено влијаат со реакцијата на секое примитивно и несоодветно однесување. Со своите реакција, прекор, морална санкција, семејството има огромно влијание врз однесувањето на поединецот и примитивизмот и, зависно од реакцијата на осуда или на поддршка, ги поттикнува или ги спречува примитивизмот и таквото однесување. Општеството со моралната осуда, но и реакцијата на правниот систем влијае врз поттикнувањето или врз спречувањето на оваа појава. Онака како што стојат работите сега, освен моралната осуда на поединци, правниот систем и опкружувањето на примитивецот молчат, што само ги покажува поразувачката реалност, немоќта и разнебитеноста на правниот систем и длабоката поделеност на општеството во кое не живееме едни со други туку едни наспроти други.
Примитивизмот што нема да биде сопрен и санкциониран, раѓа фанатизам, кој има една единствена цел: уривање, уништување, газење. Историјата покажала дека шовинизмот, фашизмот, сталинизмот се производ на примитивизмот обединет со фанатизам, системи во кои доминира омразата, која урива сè пред себе. А, омразата секогаш раѓа омраза.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)