КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Добри луѓе

384

Во текот на мојот живот, како поради мојата професија така и поради мојот карактер, но и поради мојата пасија и страст кон патувањата и запознавањето други култури, обичаи, народи, сум сретнал и запознал многу луѓе. Сум запознал многу влијателни луѓе од политиката и од бизнисот, не само од нашата земја, многу луѓе од културата и од естрадата, луѓе од науката, луѓе од влијание во религијата, религиозни луѓе и фанатици, луѓе од подземјето, „обични“ луѓе, луѓе со огромни срце и душа, полни со љубов и луѓе без срце и душа, полни со омраза. И секогаш, ама баш секогаш, тие „обични“ луѓе, тие навидум секојдневни луѓе, се толку необични, толку различни што ме воодушевувале, ми отворале нови видици и ми покажувале дека, за среќа, сè уште има нормални и големи луѓе, луѓе кои се тоа во вистинската смисла на зборот и кои ја прават разликата меѓу секојдневните црнила, омраза, завидливост, стереотипи, предрасуди и простотилак.

Тоа се луѓе од нашето опкружување, луѓе од нашето секојдневие, кои нема да ги забележите, едноставно ќе ги одминете, освен ако немате среќа и можност да поразговарате со нив и да ги запознаете. Тоа се луѓе кои не се фалат, не се удираат по гради и на сиот глас кажуваат што направиле, тие се мирни, тивки, скромни, нешто што денешницата го заборавила, го исмеала и го смета за мана, слабост. Тоа се луѓе кои постигнале многу, сами, со своите труд и залагање, без политички врски и ујдурми, без транзициски и приватизациски кражби и измами, без чичко и вујко, тате и бате.

Полека изминува и оваа година, година како и претходните, преполна со афери, глупости, гадости и малоумност, година на празни зборови и на осиромашен народ, година во која, како и во претходните, овој народ се чувствува посрамен, предаден, поделен. Не сакам да пишувам за политикантите и за партиските празноглавци, за судиите и за обвинителите кои се залутани во судниците и од кои народот се срами, за тајкуните и за таканаречените бизнисмени кои не се ништо друго, освен транзициски крадци и приватизациски измамници кои и понатаму го цицаат народот и она малку што останало од државата.

Крајот на годината ќе им го посветам на вистинските луѓе, мали луѓе кои се, всушност, многу големи, кои, секој на свој начин, ја враќаат вербата и во луѓето и во општеството.

Еден од тие луѓе, во вистинската смисла на зборот, е човек кој сосема случајно го сретнав во животот и кој стана мој пријател. Тој човек, неговото име воопшто не е битно, и самиот ќе се препознае, а и луѓето што го познаваат, доживеал страшни животни предизвици, кои ги преживеал, храбро, молкум, со стиснати заби и со голема верба. Долготрајната борба со ракот не само што ја прекинала неговата успешна кариера туку и му го превртела животот наопачки. По успешната борба со опаката болест, се нашол на нова животна раскрсница, пред нов предизвик: дотогашниот живот и животните навики сосема да ги смени, а својата успешна кариера да ја заборави. По борбата со ракот, продолжил со борбата за егзистенција на своето семејство, борбата со старите навики, општествениот хаос, корупцијата, нефункционалниот систем и со заробената држава. Почнувајќи од нула, без ничија поддршка, успеал, со долгогодишно залагање, да формира и да создаде туристичка агенција, која организира големи културни манифестации. По успешното работење, особено на подрачјето на Шпанија, тој денес купува шпанска туристичка агенција, на големо задоволство не само на неговите клиенти туку и на шпанските власти. И покрај големиот успех, големата тежина што ја има во рамките на глобалниот светски туризам, тој е скромен и едноставен, нормален човек кој никогаш не заборавил од каде потекнува и кои се неговите гени и корени. Во мигов, тој е нашиот најголем културен и вистински амбасадор во Шпанија,  кој достоинствено ја претставува Република Македонија за разлика од амбасадорите кои примаат плата за тоа и се назначени за тоа по функција. Кога ќе седнете со овој човек, никогаш нема да претпоставите за неговата животна судбина ниту за професионалниот успех поради неговите скромност, едноставност и искреност, но сигурно ќе ве плени со својата мудрост и со бескрајната верба.

Вториот човек, вистински човек, за кого ќе пишувам во оваа колумна, можевте да го видите на маратонот во Фиренца, како трча со знамето на Македонија на својот дрес низ Фиренца и достојно ја претставува нашата држава. Сам се финансира, сам организира, сам тренира и сам се бори со светската класа на маратонците. За восхит е и за пофалба неговиот резултат на овој маратон, со време под три часа и пласман меѓу првите сто и триесет од преку десет илјади учесници. Скромен и едноставен, секојдневно тренира во фитнес-клубот „Фит“, откажувајќи се од секојдневните задоволства, кои многу млади ги уживаат и кои се загубени во виртуелната стварност на социјалните мрежи, заглупени и затапени од квазиинфлуенсерите. Според неговите залагање, верба и неспорен талент, пред него е блескава иднина, која, секако, ја заслужува. И тој е вистински амбасадор на нашата земја, кој достојно, на вистинскиот начин ги промовира нашата земја, нашите обичаи и традиции.

Сум сретнал уште неколку вакви луѓе, луѓе во вистинска смисла на зборот, кои едноставно ќе ве засрамат со својата добрина, како што вели Душко Радовиќ, кого ќе го цитирам на крајот. „Некои луѓе нè понижуваат со својата добрина. Сме се одвикнале од добрината. Не разбираме зошто некој прави нешто за нас ако не бара противуслуга. Добрината не може да се возврати затоа што таа и не се дава. Добрите луѓе се добри поради себе, а не поради другите”.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните.)