„Колку удари, толку години затвор“

24

Од здружението за заштита на животните побараа зголемување на санкциите предвидени со член 233 од Кривичниот законик (убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Побараа и да се промени досегашната судска практика и наместо изрекување парична казна во максимален износ од 300 евра или условна казна, да се изрече ефективна казна затвор за сторителите. И додека траеше протестот, во Основниот Кривичен суд вчера беше одложено судењето за кучето Феликс

 

Со транспаренти на кои пишуваше „Колку удари, толку години затвор“, „Стоп за насилство против животни“, „Душата на Феликс вреди колку човечката“, членови на здружението „Анима мунди“ и други активисти за заштита на правата на животните денеска се собраа пред Кривичниот суд и побараа строго санкционирање на оние кои се изживуваат и малтретираат животни, каков што беше случајот со кучето Феликс.

Протестот се случуваше во исто време додека траеше судењето на сторителите на грозоморниот чин, кога кучето од вработени во фирма во Момин Поток беше претепано, но по неколку дена, откако беше третирано и му беше пружена помош и нега во ЈП „Лајка“, тоа им подлегна на повредите на 8 јануари годинава.

Од „Анима мунди“ побараа зголемување на санкциите предвидени со член 233 од Кривичниот законик (убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело.

– Тој ѕверски, со умисла, употреба на најголема сила и 10 удари со метална шипка по глава во заграден простор и без можност да се избави и спаси, удираше несреќно бездомно куче. До бесознание, со намера да оди до смрт за да потоа со помош на друго лице го врзе и фрли како да е предмет и најобично ѓубре. Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без кој било да интервенира додека кучето урла од болка и не можејќи да избега или да се спаси; но затоа асистенти кога требаше околу врат да се врзе со метална жица, влече и фрли како ѓубре. Соучесници. И ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено. „Љубе со другарите“ се ликот на секој еден кој во оваа држава се изживува, коле, беси, труе животно. А Феликс е секое друго животно, секое друго несреќно битие оставено само на себе да страда и умира во пеколни маки, душа, која не успеавме да го спасиме. Молкот ги охрабрува и помага сторителите, никогаш оној кој е жртва. Ако ова само немо го набљудуваме, учествуваме во колективната деградација и дегенерација на се што е нормално, хумано, човечно во нашата држава –  велат од „Анима мунди“.

Оттаму посочуваат дека во судската пракса, ниту еден сторител на ова кривично дело не добил затворска казна, туку условна или парична казна, не повисока од 300 евра.

– Ваквата судска пракса не го спречува насилството врз послабите, напротив, го охрабрува. Бараме да се промени досегашната судска пракса и наместо изрекување парична казна во максимален износ од 300 евра или условна казна, да се изрече ефективна казна затвор за сторителите – изјавија од здружението.

Покрај правда за Феликс, тие побараа под итно да се усвојат законите и мерките што еднаш засекогаш ќе го решат проблемот со бездомните кучиња на нашите улици.

Столе Велковски од „Анима мунди“ истакна дека нема да дозволат смртта на кучето да се заборави, премолчи и помине неказнето. Тој најави дека поднесуваат иницијатива за измена и дополнување на Кривичниот закон со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.

– Бараме и воведување на посебни кривични дела и тоа борби со животни, напуштање на животни и воведување на засебна безбедносна мерка – забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело – нагласи Велковски.

Како што информираше, во последните 10 дена добиле многу пријави за екстремна суровост кон животни, кои вклучуваат исцрпен коњ принуден да влече товар и колабирал на улица, застрелана мачка закачена на возило како трофеј, куче со скршен череп кое умирало без никаква полициска интервенција, обесено куче кое служи за вежбање на друго куче, два обесени волци, и борби со кучиња кои се промовираат и одржуваат онлајн и во урбани средини.

– Исто така, напуштени миленици завршуваат труени, тепани и умираат на улица, што го влошува проблемот со прекубројноста на бездомните животни и ја загрозува безбедноста на населението – рече Велковски.

Во Основниот Кривичен суд денеска беше одложено судењето за кучето Феликс, бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана не го примиле обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство. Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за „убивање и мачење животни“, при што казната според Кривичниот законик е парична или затвор до три години. Судењето е одложено за 13 март.

(А.П.) Фото: (Петр Стојановски)

 

ИЗДВОЕНИ