Колкав е влогот на Филипче за уставните измени?

Изјавата на Филипче во Брисел дека лично презема целосна одговорност и целокупниот товар, дури и по цена на неговата политичка кариера, за да се направат уставните измени и земјава да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ, како и обвинувањата за „самонаметнато вето“ и „откажување од евроинтеграциите“ на актуелната Влада, наиде на остра реакција кај владејачката партија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија, бидејќи народот не му доделил таква одговорност, затоа што, како што стои во соопштението од партијата, на последните избори „народот кажа што мисли за капитулациите на Венко и Заев во спорот со Бугарија“

457

Политиката на помирувања што ја презентираа лидерите на двете најголеми политички партии во земјава, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на нивната прва тет-а-тет средба минатата недела, како и договорот заеднички тела и работни групи да работат на спроведување на реформската агенда, отидоа во спротивен правец кога на дневен ред се уставните измени, за кои Филипче и по средбата изјави дека имаат различни гледишта со премиерот. Изјавата на Филипче во Брисел дека лично презема целосна одговорност и целокупниот товар, дури и по цена на неговата политичка кариера, за да се направат уставните измени и земјава да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ, како и обвинувањата за „самонаметнато вето“ и „откажување од евроинтеграциите“ на актуелната Влада, наиде на остра реакција кај владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија бидејќи народот не му доделил таква одговорност, затоа што, како што стои во соопштението од партијата, на последните избори „народот кажа што мисли за капитулациите на Венко и Заев во спорот со Бугарија“.

 – Апсурдно е токму СДС, партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство. Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење; Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци. Денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е посветена на реформите, на владеењето на правото, на борбата против корупцијата – вистинските европски вредности. Филипче зборува за „стратегија“, а токму неговата партија немаше стратегија за ништо: ниту за здравство во пандемија, ниту за енергетска криза, ниту за евроинтеграции. Затоа народот јасно ја казни на избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму појаснуваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции.

-Нешто што СДС апсолутно го погази. Затоа, наместо соучесникот во најголемите здравствени и политички неуспеси да зборува за „иднината на државата“, подобро е СДС да се соочи со минатото – и со последиците од сопственото безгрбно владеење. Во оваа смисла, исто така, од сите луѓе, Венко Филипче, симболот на пропаднатото здравство и човекот чие име стои зад една од најголемите здравствени афери – последен има кредибилитет да зборува за „грижа“ и „реформи“, стои во реакцијата.

Целосна одговорност и по цена на политичка кариера

По учеството на Конференцијата за проширување на ЕУ во организација на сестринските партии на СДСМ, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), лидерот на македонските социјалдемократи изјави дека презема целосна одговорност и целокупниот товар, дури и по цена на политичката кариера, за да се направат уставните измени и земјава да ги отвори преговарачките поглавја со ЕУ.

 -Доколку Владата смета дека тоа може да го искористи, јас стојам на располагање. Колку повеќе време одминува и колку околните земји напредуваат, толку потешко ќе биде ние да фатиме чекор со нив во следниот период. Социјалдемократскиот сојуз во секој еден момент, во која било форма што Владата ќе ја постигне согласно нивното ветување, коешто сега гледаме дека очигледно ќе биде едно од ветувањето кое што нема да го исполнат, а тоа е да ги подобри нашите позиции во делот на преговарачката позиција со Европската Унија, ние ќе го поддржиме тој план, рече Филипче.

Според него, важно прашање е и каква ќе биде улогата на коалицијата на партиите на Албанците што е дел од актуелната Влада, која при нејзиното формирање, како што рече, ветуваше дека уставните измени ќе се случат за период од шест месеци.

– Тие се важен фактор, без кој Владата не би имала мнозинство и треба да ја притискаат националистичката и десничарска ВМРО-ДПМНЕ да ги спроведе уставните измени и да ги отвори преговорите по поглавја, истакна Филипче и порача дека и актуелната Влада и актуелното мнозинство во Македонија мора да ги почитуваат меѓународните договори и дека се среќни затоа што имаат опозиција што ќе гласа „за“.

Граѓаните против уставни измени

Наспроти убедувањето на опозицискиот лидер дека вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав е облигационо и е единствен начин за Македонија да се придвижи кон ЕУ, испитувањата на јавното мислење покажуваат спротивно расположение кај граѓаните, особено кај етничките Македонци, кои со огромно мнозинство не ги поддржуваат уставните измени. Исти беа и резултатите од последната телефонска анкета за емисијата „Детектор“, спроведена од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) од 1 до 4 март оваа година на репрезентативен примерок од 1050 испитаници од целата држава.

Според ова најново истражување, дури 82 отсто од Македонците се против внес на Бугарите во Уставот, додека 12,9% од етничките Македонци ги поддржуваат уставните измени. Кај испитаниците Албанци 56 проценти даваат поддршка за промена на Уставот.

Вкупно, кај сите граѓани во земјава, 64% сметаат дека владејачкото мнозинство не треба да прифати внесување на Бугарите во Уставот дури и по цена на повторно одложување на почетокот на преговорите со Европската Унија.

Вкупно 45 проценти од испитаниците веруваат дека Владата ќе го надмине спорот со Бугарија и ќе ги почне преговорите со Европската Унија што е за три проценти повеќе од истиот одговор даден лани. Сепак, 30 проценти од испитаниците сметаат дека спорот нема никогаш да се реши, а само 7 проценти сметаат дека до решение ќе дојде до крајот на оваа година.

Доколку земјава добие дополнителни гаранции, 41 процент од граѓаните сметаат дека треба да се пристапи кон промена на Уставот додека 43 проценти од испитаниците велат не. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ